Фејсбук пост на Ацо Лукароски:
На пет дена до изборите би сакал да ѝ се обратам на македонската јавност.
Пред сè, уште еднаш да повторам дека дијаспората на овие избори нема да гласа. Причината е во тоа што немаше доволно пријавени гласачи.
Кај мене лично чувствата се измешани.
Од една страна жалам што е пропуштена можноста СДСМ прв пат во историјата да извојува победа во Торонто, во Канада и во цела Северна Америка. ДИК јавно ги објавуваше имињата на пријавените кандидати, па бевме во можност да направиме пресметка дека во Торонто и Канада околу 65-70% од пријавените гласачи гласот на овие избори ќе го дадеа за коалицијата „Можеме“.
Од друга страна, добро е што дијаспората нема да гласа. Немаше никакви шанси да биде избран пратеник, а тоа значи дека непотребно ќе беа потрошени многу пари (за авионски карти, за хотелски сместувања и за други трошоци). Тие пари Македонија ќе може да ги потроши за многу поважни работи.
Во оваа прилика би сакал уште еднаш јавно да се заблагодарам на претседателот на СДСМ Зоран Заев, на целото раководство на партијата и на коалиционите партнери од коалицијата „Можеме“ за укажаната доверба да бидам носител на листата во ИЕ7. И покрај тоа што дијаспората сепак нема да гласа, задоволството и честа ми се како планина големи.
Благодарност и до целиот тим на СДСМ-Торонто. Тоа што сите заедно успеавме да го урнеме митот за Торонто како бастион на ВМРО-ДПМНЕ е заслуга на сите членови на партиската организација.
За крај, ги повикуваме сите наши сонародници во државата, сите наши роднини, пријатели, некогашни соседи, некогашни колеги, на 15 јули да го дадат гласот за коалицијата „Можеме“ и да го заокружат бројот 3.
Излезете на гласање. Со вашиот глас даден за коалицијата „Можеме“, секој успех на Македонија во следните 4 години ќе биде и ваш успех. Ставете и вие едно камче во големиот мозаик. Со тоа и меракот ќе ви биде многу поголем.
Влогот е голем. Македонија не смее да дозволи ново враќање во темната зона на очај и апатија.
Со СДСМ на чело, Македонија МОЖЕ.
И ТРЕБА.
И МОРА да прави УШТЕ ПОВЕЌЕ и УШТЕ ПОДОБРО.
На 15 јули, некаде пред полноќ, сите заедно ќе ја славиме големата победа.
Ацо Лукароски
Претседател на П.О.Д. СДСМ-Торонто