Единицата за внатрешни работи Карпош притвори тројца крадци на велосипеди кои краделе по подруми и станови во Скопје. Досега се пронајдени и одземени 26 велосипеди.
Како што соопшти МВР, при преземени мерки и активности лишени биле од слобода Е.М. (24) и А.И. (22), двајцата од Скопје, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „тешки кражби“ на велосипеди и Х.К. (53) од Скопје поради постоење основи на сомение за сторено кривично дело „прикривање“.
– Двајцата првопријавени извршувале кривични дела „тешки кражби“ на велосипеди, тешки кражби во подрумски простории и тешки кражби во станови на подрачјето на Скопје, по што украденото го продавале кај третопријавениот, кој ги купувал велосипедите за минимална цена и ги препродавал или ги расклопувал во делови. Досега од сторителите се одземени 26 велосипеди, еден апарат за заварување, една бормашина, една брусалица, две рачни стеги, разен рачен алат и лап топ, информираат од МВР.
Од полицијата ги повикуваме сите оштетени граѓани во ПС Карпош, секој работен ден од 9 до 15 часот за препознавање на велосипеди.
Во најактивната Фејсбук група „Украдени точаци“ сѐ уште се скептици за стореното од страна на МВР со оглед на фактот што оштетени граѓани самоиницијативно често носат во полиција видео материјали од безбедносни камери како се крадат велосипеди и потенцираат дека најчесто станува збор за доста поскапи типови од оние кои се запленети и пуштени на препознавање.
Членовите во групата апелираат на поголема ангажираност од надлежните органи во овој поглед и се сомневаат генерално во работата на МВР по ова прашање.
Во последните денови се развива и дебата за отворање еден регистар на велосипеди, каде секој би го пријавил велосипедот што го поседува. На прашањето околу таков регистар, над 90% од испитаниците одговориле дека би го користеле и нагласуваат дека тоа би било од голема помош.
А. Н. С.