– Курбиново беше болната точка на нашата држава. Додека се трошеа парите на граѓаните на безвреден стиропор и споменици, нашиот вистински споменик на културата, традицијата и македонското средновековно сликарство, црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново која опстојува 9 века, беше на работ на уништувањето.
Додека целиот свет се восхитуваше на црквата во Курбиново, на фреската Ангелот од Курбиново, на фреската која е на банкнотата од 50 денари, додека се пишуваа книги и научни статии за нивната оригинална вредност, влагата го подјадуваше фрескоживописот и црквата чекаше подобри времиња. И ова се тие времиња. Го спасуваме и овој важен, вистински автентичен споменик на културата, рече таа.
Таа информира дека се започнати темелни конзерваторски зафати на средновековната црква во Курбиново.
– Ова е нашата традиција со која се гордееме пред светот. Експресивните и уникатни фрески се спасени, додаде Шекеринска.
Подвлече дека Курбиново е силен печат на македонскиот идентитет, а грижата за него е силен доказ за вистинскиот автентичен патриотизам.