Интервју на „Слободен печат“ со лидерот на СДСМ и на коалицијата „Можеме“, Зоран Заев, кој според многу анкети влегува како фаворит за победа на овие предвремени парламентарни избори. Гласањето ќе се одвива во корона-криза, која освен здравствени предизвика и сериозни економски проблеми.
Реализиравте – Вашата партија, која ја води Владата – сет мерки за заживување на економијата. Мислите ли дека тие дадоа резултат и дали граѓаните и бизнис-секторот се задоволни?
– Државата презеде навремени и ефикасни мерки за брзо справување со последиците од корона-кризата. Веднаш почнавме со финансиска помош од 14.500 денари по вработен за компаниите, ги субвенциониравме и придонесите, а обезбедивме и линии на бескаматни кредити. На тој начин спасивме илјадници работни места, спасивме домашни мали семејни бизниси. За граѓаните обезбедивме финансиска помош преку домашните платежни картички и ваучерите за туризам. Повеќе од 300.000 граѓани денес користат ваква поддршка, а опфатот го прошируваме и со нови категории граѓани. Така во нашата економија враќаме дополнителни 28 милиони евра, ја јакнеме приватната потрошувачка и ја подигаме куповната моќ на граѓаните. Со зајакната потрошувачка се држи економијата жива и жилава – ете тоа е вистински економски патриотизам.
Најавувате и нови мерки…
– Имаме јасен план за нови мерки на поддршка, со чесно и одговорно работење парите ги насочуваме кон луѓето, зашто пари има доколку не ги трошите на фикс-идеи, на стиропор и бронза. Следуваат домашни платежни картички и за пензионерите со пониски примања, за стечајците, за самохраните родители, директна поддршка за јакнење на нивната куповна моќ. И, еве, денес можам да најавам дека за пензионерите ќе обезбедиме можност за дополнителен приход од 4.500 денари месечно, за сите сограѓани пензионери што сакаат и можат да посветат дел од своето време за ангажман во јавните општински и државни служби. Дали преку помош во делот на јавната или преку друга помош во рамките на јавните услуги, пензионерите ќе можат да добијат екстра месечен надоместок од 4.500 денари како дополнителен приход над редовната месечна пензија. На овој начин пензионерите остануваат активни во заедницата, нивниот труд и ангажман се цени и во исто време се јакне куповната моќ на нашите највозрасни сограѓани.
Во економската програма најавувате раст на економијата за 6 проценти. Нели е тоа премногу оптимистично ако го имаме предвид целокупниот светски економски застој?
– Во програмата најавуваме дека до крајот на мандатот ќе ја вратиме нашата економија на солиден и одржлив економски раст од 4 проценти. Тоа ќе го оствариме преку креирање нови работни места, преку брза трансформација на македонската економија, преку поддршка за домашни и за странски инвестиции во износ од 600 милиони евра, од кои 300 милиони од домашни средства и дополнителни 300 милиони евра од европските фондови што се отвораат. Ќе продолжиме да ги качуваме платите во сите сектори, минималната плата ќе ја донесеме на 20.000 денари, а просечната на 34.000 денари до 2024 година. Ќе поттикнеме нова динамична македонска економија преку грантови за фирми на млади, на жени, на земјоделци – ќе вложуваме уште повеќе во дигитализацијата, во стартапите, во идеите и иновативноста на граѓаните. Одговорното управување со финансиите, чесниот пристап што ќе продолжи, ќе овозможи овие зацртани цели да се реализираат, македонската економија да расте, а невработеноста да продолжи да се намалува.
Можете ли да издвоите неколку капитални инвестиции на кои особено се надевате, кои би имале значајно влијание врз економијата, а со тоа и на стандардот на граѓаните?
– Веќе имаме конкретни, сериозни инвестиции од реномирани инвеститори, кои ќе се случат наскоро. „Еколог“, македонска компанија етаблирана меѓународно, ќе инвестира 300 милиони евра, потоа „Блек стоун“ за драј порт меѓу Велес и Демир Капија, со индустриска зона, каде што ќе се менаџираат сите стоки од пристаништето од Солун, поради поевтин складиштен простор, наскоро овде ќе инвестира и ИКЕА, па „Фреш фуд“ партнерот на „КФЦ“, во домашно, македонско пиле, со огромна инвестиција над 100 милиони евра во 10 града. Покажавме како се привлекуваат странски инвестиции, но за овие три години покажавме и како се гради по план низ целата држава. Влогот во капиталните инфраструктурни проекти е голем и тие ќе продолжат уште позасилено во следниот мандат.
Членството во НАТО и во ЕУ би станало обична флоскула доколку оттаму не би се активирале серозни финансиски фондови, кои можат да бидат и поголеми од многу странски инвестиции. Очекувате ли такви и како би ги искористиле?
– Членството во НАТО и почетокот на преговорите со ЕУ отвора простор за уште повеќе инвестиции, фондови што ни стојат на располагање, нови пазари на кои добиваме пристап. Со отворањето на поглавјата со ЕУ, ни се отвораат 2,5 милијарди, пари наменети за економија, за нови работни места, за иновации, за борба против коронавирусот, европски пари со кои ќе донесеме европски стандарди дома. Тука се и средствата за развој на Преспанскиот регион – ова европското уникатно тромеѓе ќе се развива со европски пари. Со членството во НАТО нашите фирми добиваат пристап до пазар од 4 милијарди евра годишно. Ги охрабрувам домашните компании да почнат процес на сертифицирање за да можат да конкурираат на тој голем пазар, да продаваат стоки и услуги на НАТО.
Велите дека со договорите со Грција и со Бугарија имаме пријатели на Балканот. Но, Бугарија не ја завршила „играта“ топло-ладно, кога станува збор за нашите преговорите со ЕУ и уцените со историјата. Очекувате ли да бидете ставени во ситуација да избирате и што би избрале, ако морате?
– Времето на уцени, на отворени прашања и спорови со соседите, заврши. Со сите имаме одлични односи, со Бугарија сме сојузници во НАТО и таа е наш силен поддржувач за интеграција во ЕУ. Договорот е основа за добрососедство и пријателство. Двете држави работат поблиску за заемен успех. Договорот е добар за нашите националните интереси. Станавме држава што ги решава проблемите и денес нашата позиција во регионот и во меѓународните односи е зајакната. Со договорите, Владата уште еднаш ја афирмираше посебноста на македонскиот народ, на македонскиот јазик и на македонскиот идентитет. Членовите на историската комисија се усогласија за неколку временски периоди (антика и среден век) и за повеќе личности важни за заедничката, споделена историја со Бугарија, кои заедно ги чествуваме (светите Кирил и Методиј, Самоил). Тие ќе продолжат да работат, без политички притисоци во рамките на предвиденото со Договорот, кој создава рамка и инструменти за решавање на сите прашања преку заемна почит, за изградба на пријателство и партнерство.
И покрај остварените стратешки цели и права, во меѓуетничките односи сѐ уште има разлики во сфаќањето на Уставот, дали е граѓански или „етнички“. Партиите на Албанците, без разлика дали се на власт или во опозиција, се држат и инсистираат на колективните права. Како ќе ги балансирате овие идеолошко-политички крајности, а да не предизвикате општествени потреси, да не бидете „предавник“, националист…?
– Времето на национализам и вештачки поделби заврши. Граѓаните не ги купуваат евтините трикови со лажен патриотизам и национализам. Оние што немаат ништо конкретно и корисно да понудат, како ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, нудат лажен национализам, враќање назад во поделби на етничка, на верска, на партиска и на секаква друга припадност. Најдобар доказ дека во ВМРО-ДПМНЕ ништо не се променило е најновата манипулација на Мицкоски, дублерот на Груевски, со повторниот очаен обид да ги заплашат граѓаните со федерализација. Тоа е доказ дека губат. На 15 јули граѓаните ќе ги казнат овие ретроградни концепти. Маките, потребите, интересите на граѓаните се исти и кај Македонците и кај Албанците, Турците, Србите, Власите, Ромите, Бошњаците, кај сите. Оние што не го разбираат или не сакаат да го разберат тоа, бадијала се занимавале со политика. Повисоки плати и пензии, повеќе пари во секој дом, подобра здравствена заштита, повеќе шанси за младите, напредок во ЕУ, тоа е она што навистина им треба на граѓаните и ние токму тоа го ветуваме и го реализираме.
Како ја разбирате синтагмата „едно општество за сите“, а како мислите дека тоа го очекуваа граѓаните, дали можеби имаше недоразбирање уште на почетокот?
– Едно општество за сите е повеќе од синтагма, тоа е наш, домашен, македонски и мултиетнички автентичен концепт за успех. Едно општество е концепт на еднакви шанси, права, но и на еднакви обврски за сите. Граѓаните многу добро го сфатија ова, затоа дадоа голема поддршка и на изборите во 2016, на локалните во 2017 и на претседателските во 2019 година. Денес овој концепт само напредува, денес СДСМ ја предводи првата мултиетничка коалиција, најголемата, најсилна и најразнолика коалиција „Можеме“, во која се вклучени партии на сите етнички заедници во државата. Таа ќе биде победничка, на денот на гласањето граѓаните повторно ќе го поддржат овој концепт преку заокружување на бројот 3 за победа на коалицијата „Можеме“. Од друга страна, ВМРО-ДПМНЕ најавува некакво ново уредување, со што веројатно сака да ги брише сите заедници што живеат во Македонија. Таму ништо не се променило. Пак ли чиста Македонија, пак ли извици за гасни комори? Тоа не е особина на Македонците, тие се големи, великодушни, не мразат. Затоа СДСМ е многу поголема од ДПМНЕ во секоја смисла, и во габарит и во душа. СДСМ е и македонска и мултиетничка партија. Партија на Македонците, ама и партија на сите. Граѓанска партија. ВМРО-ДПМНЕ е партија на минатото, омразата, на одмаздољубивоста.
Кога државата ќе престане да биде партиска, кога на позиции ќе дојдат и непартиски личности, или пак по изборите ќе мора да им се оддолжите на партиските членови, па на коалициските партнери, па на рамноправната застапеност…?
– Ако некој покажа дека е навистина посветен на департизацијата на државата, тоа е само СДСМ. Почнавме реформи и професионализација на институциите и тоа дава резултати. Секој оглас за вработување во администрацијата е транспарентен, за сите важат еднакви критериуми за вработување, на многу клучни раководни позиции се луѓе професионалци, кои не припаѓаат на ниту една партија, кои си ја знаат работата имаат искуство, знаење и желба да работат. Таквиот процес ќе го продолжиме и во идниот мандат. Зашто, државата и институциите постојат за граѓаните, а не за политичарите и за партиите.
Прочистувањето на судството е врвен приоритет
Најавувате реформи и ветинг на судиите, но тие постојано укажуваат дека ветинг треба најпрво да се направи кај политичарите, кои на некој начин сакаат да имаат привилегирани обвинители и судии. Колку сте навистина одлучни за реформи во судството?
– Свесен сум дека не се исполнија очекувањата на граѓаните во делот на правната држава. Таму Груевски и Мицкоски до последно ги држеа своите стеги. Слушнавме сите зошто Мицкоски бил против Законот за јавно обвинителство. Но сега, кога се тргнати последните пречки, со нов, чист мандат добиен на изборите, се обврзувам пред вас дека судскиот систем ќе биде првата работа што ќе биде реформирана по 15 јули. Прочистувањето на судството е врвен приоритет во новиот мандат, тој процес е започнат со донесувањето на важните реформски закони во правосудството и тој наскоро ќе се заокружи. Судиите што со намера застаруваат предмети, ќе бидат разрешени по автоматизам. Ќе почне и детална проверка на имотот на судии обвинители. Предмет на ревизија ќе бидат 5 отсто од сите судски пресуди во последните 5 години, одредени по случаен избор. Компромис со правдата не смее и нема да има. Ќе има проверка, секако, и на политичарите. Успеавме да изградиме силна и независна Државна комисија за спречување на корупцијата, која постапува професионално и неселективно и отвора случаи против секој за кој ќе утврди неправилности. Дополнително ќе ги зајакнеме капацитетите на оваа важна институција за да биде повеќе посветена во борбата против високата корупција.