Претседателот на Државната изборна комисија, Дерковски се обрати пред присутните новинари со најновите резултати од тридневното гласање на предвремените парламентарни избори.
Дерковски најпрво се извини за техничките пречки кои настанаа со достапноста на страната на ДИК и рече дека најверојатно станува збор за надворешен напад, но резултатите не се зафатени во нападот и регуларно се пласираат на граѓаните.
Според табелите кои се прикажуваат постојано на голем бим во Државната изборна комисија, коалицијата „Можеме“ предводена од СДСМ води во 3 изборни единици.
Во првата изборна единица, СДСМ освоиле 33,9% од гласовите, а ВМРО-ДПМНЕ 31,25%.
СДСМ води и во четвртата изборна единица со 46,39% од гласовите, наспроти ВМРО-ДПМНЕ кои имаат 45,67% од досега обработените 70% од избирачките места.
Најистакнато е водството на коалицијата „Можеме“ во изборната единица 5, со 37,41% пред опозициската ДПМНЕ и коалиционите партнери со освоени 35,85% од гласовите.
Во втората изборна единица забележано е водство на коалицијата Обнова за Македонија, предводена од ВМРО-ДПМНЕ со 35,71% освоени гласови наспроти коалицијата Можеме, со освоени 33,91% од преработените 70%.
И во изборната единица 3 засега води коалицијата Обнова со 47,09% споредено со коалицијата предводена од СДСМ, која освоила 42,82% од пребројаните гласови.
Од последните пласирани нецелосни резултати од Државната изборна комисија, во шестата изборна единица водство има ДУИ со 29,24% пред Алијанса на Албанците со 27,45% и коалицијата „Можеме“ со 21,16%.
Д. Е.