Љатифа Шиковска е од Шуто Оризари, дипломиранa професорка по физичка култура и директорка на НВО „Амбрела„. Таа беше на кандидатската листа на СДСМ и коалицијата „Можеме„ во ИЕ 2 каде носител беше Оливер Спасовски. Љатифа пред да биде дел од Извршниот одбор на СДСМ децении наназад, беше позната ромска активистка, која се бореше на секој начин за остварување на основните човекови права како и заштита на децата, пишува Roma Times.
Таа знае често да рече: „Јас не седам во канцеларија, мене канцеларијата ми служи само како еден технички сервис каде што се подготвувам, инаку во принцип сиве овие години работам на терен, бидејќи сметам дека токму на терен ја гледаш реалната состојба во однос на ситуацијата која се однесува на Ромите и врз основа на нивните потреби и проблеми ние креираме проекти“.
Таа напоменува дека еден од најгорливите проблеми во ромската заедница е немање на лична документација.
Сега кога се очекува да седне на пратеничкото место, нејзината шанса е тој проблем да го анимира и да го канализира преку законодавниот дом.
„Нас ни е битно навистина, крајно време е да се најдат системски решенија, тие системски решенија мора да бидат со конкретни мерки и активности, акциони планови, стратегии, и посебни програми, пред се развојни, за да можат и Ромите да го најдат своето место во ова општество, бидејќи и ние придонесуваме кон просперитет и прогрес на нашата држава, бидејќи и јас учествувам преку одредени давачки кон државата и треба да знам каде се трошат моите пари. Како и секој граѓанин во нашата држава“, вели Шиковска.
Првата жена Ромка активистка, пратеничка во македонскиот Парламент исто така се води од една позната мисла на Чарлс Буковски која вели: „Ќе го спасите светот само ако им помагате на луѓето еден по еден. Сè друго е романтизам и политика“.