Државната изборна комисија попладнево донесе заклучок за исправка на технички грешки. Поточно информираат дека се вршат исправки на техничките грешки при објавувањето на бројките од четвртокот доцна попладне по завршувањето на предвремените парламентарни избори.
Според новите бројки,зголемен е бројот на граѓани кои гласале и бројот на неважечки ливчиња.
Па така, сега соопштија дека всушност гласале 943.750 гласачи. Од нив 912.186 се важечки ливчиња, а бројот на неважечки ливчиња е 31.564.
Во четвртокот пак ДИК соопшти дека гласале 942.334 гласачи, а од нив 31.466 биле неважечки. Според направената исправка излегува дека бројот на граѓани кои гласале е зголемен за 1.416 од првичната статистика, а бројот на неважечки ливчиња е зголемен за 148.
Претседателот на партијата Единствена Македонија, Јанко Бачев и предводник на коалцијата „Никогаш Северна-Само Македонија“ поднесе барање до ДИК за поништување на изборите одржани на 15 јули при што обвини за изборен фалсификат. Тој рече дека преку овој документ бара рачно пребројување на ливчињата и оставка на членовите на Државаната изборна комисија.
„Со Заклучокот на ДИК број 08 – 1966/1 од 16 јули 2020 е утврдено дека постојат 1.814.236 гласачи а гласале 942.334 гласачи. Ако од 1.814.236 гласачи се одземат 942.334 гласачи се добива бројката од 871.902 лица кои не гласале, што значи дека толку треба да биде бројката и на неупотребуваните гласачки ливчиња. Но, според напред наведениот заклучок на ДИК, бројот на неупотребуваните гласачки ливчиња изнесува 869.889 што значи дека недостигаат 2.013 ливчиња. Каде се!? Тука се, ама со нив е правен фалсификатот преку т.н. бугарски воз“, изјави Бачев.
Тој ја повика ДИК на одговорност и за бршењето на името од гласачките ливчиња на нивата коалиција „Никогаш Северна- само Македонија“. Според него недозволиво е бришењето името во последен момент пред печатењето на гласачкиот материјал, бидејќи при поднесувањето на листата во ДИК се заведени под ова име.
И од ВМРО-ДПМНЕ бараат рачно пребројување на гласовите.