Лидерите на ЕУ постигнаа договор за планот за закрепнување и повеќегодишниот заеднички буџет во износ од 1.824 милијарди евра за периодот од 2021 до 2027 година.
Лидерите на 27 земји-членки на Европската унија неколку дена беа дел од маратонските разговори во Брисел во обид да постигнат договор за пакетот за економско закрепнување на Унијата од последиците од кризата предизвикана од Ковид-19.
Фондот за закрепнување на ЕУ изнесува 750 милијарди евра, а се состои од 390 милијарди неповратна помош и 360 милијарди заеми.
Овој фонд ќе биде финансиран со заедничко задолжување на ЕУ на светските пазари на капитал, а рокот за отплата на заемот е крајот на 2058 година.
Лидерите на ЕУ постигнаа договор по маратонските преговори што влегоа во петти ден.
Ова беше е еден од најдолгите самити во историјата на ЕУ.
Конечниот договор предвидува и распределба на средства од буџетот по области, почнувајќи од Кохезискиот фонд, за кој е издвоен најголем износ од 322 милијарди евра, преку Фондот за обновливи извори и животна средина (240 милијарди евра), Единствениот пазар за иновации и дигитализација (132,7 милијарди ), Фонд за миграција и управување со границите (22,6 милијарди евра), Одбрана и безбедност (13,1 милијарди евра), Јавна администрација (73,1 милијарди евра) и Фонд за соседство и свет (98,4 милијарди евра).
Во рамките на фондот за соседството и свет е и инструментот за претпристапна помош за земјите кои се во процес на евроинтеграција, за што во наредните седум години се наменети 12,5 милијарди евра.
Во претходниот буџетски период за ИПА фондовите беа издвоени 11,7 милијарди евра./МИА/