Во интервјуто на А1.он со лидерот на СДСМ Зоран Заев, тој покрај другото во одговор на прашањето – колкави се шансите да формира влада и со кого, истакнува:
– Нам во овој момент ни се неопходни стабилно парламентарно мнозинство, стабилна влада, која успешно и ефикасно ќе ги менаџира и здравствената криза и економските предизвици со кои се соочуваме, но и евроинтеграцискиот процес, на кој чекавме 30 години. Структурите што заговараат идеи поинакви од демократскиот и европскиот концепт не припаѓаат во идната владејачка коалиција водена од СДСМ бидејќи таквите конфликтни и ретроградни опции или се поразени или се маргинални, вели Заев.
После ова интервју со реакција се јавија ВМРО-ДПМНЕ, но со кого Заев ќе составува влада, анализираат и неколку портали.
Во одговорот со кого не би правел влада, Заев во интервјуто дава само опис, а не посочува конкретно ни едно име на политичка партија, па ни ВМРО-ДПМНЕ. И покрај тоа, неколку портали блиски до опозицијата во тој опис ја препознаа токму ВМРО-ДПМНЕ.
„Заев: СДСМ е голема и широкограда партија, по Илинден почнуваме разговори за нова влада со сите партии освен ВМРО-ДПМНЕ“, стои во еден наслов од тие портали блиски до опозицијата.
Зачудува фактот како толку лесно овие портали ја препознаа ВМРО-ДПМНЕ во описот „Структурите што заговараат идеи поинакви од демократскиот и европскиот концепт не припаѓаат во идната владејачка коалиција водена од СДСМ бидејќи таквите конфликтни и ретроградни опции или се поразени или се маргинални“
Од друга страна во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ повторно со истата математика разбирлива само за нив дека тие се победници на овие избори.
Ј. Ѓ.