Локалната самоуправа на Кочани го почна проектот за реконструкција на левиот крак од булеварот „Тодосија Паунов“ во должина од еден километар.
За реализација на градежните работи се обезбедени средства преку Проектот за изградба и санација на локални улици и патишта во општините, вреден вкупно 70 милиони евра. Носител на овој проект е Министерството за транспорт и врски кое веќе ја објави јавна набавка за избор на изведувач на реконструкцијата.
Поправките на левата лента од булеварот „Тодосија Паунов“ ќе се реализираат од кружниот тек кај Полициската станица до спојот со улицата „Киро Кикенски“. Паралелно со коловозот, ќе се поправа и тротоарот, кој на повеќе делови има сериозни оштетувања и го отежнува движењето на пешаците.
– Подобрувањето на состојбата на левата лента на булеварот ќе биде само еден дел од комплексното сообраќајно решение што се планира да се реализира сѐ до влезот во Кочани, кај улицата „Четврта македонска бригада“. Тоа опфаќа два нови кружни тека и проширување на улицата „Стево Теодосиевски“ (поранешна „Ленинова“). Се работи за проект чијашто реализација е почната, но чека да се продолжи по донесување судски одлуки за екпропријација на земјиштето, истакнуваат од Секторот за урбанизам на Општина Кочани.
Наредниот период со средства од општинскиот буџет се очекува реконструкција и на тротоарот од десната страна на булеварот „Тодосија Паунов“, кој според најавите ќе добие обележани велосипедска и пешачка патека.
Во меѓувреме, стручните служби во Општина Кочани разработуваат уште неколку решенија за подобрување на сообраќајниот проток, но и за паркирањето во централното градско подрачје.