Владата на хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ и нејзината програма доцна синоќа ја доби довербата на Парламентот.
По целодневната расправа, за вториот состав на кабинетот на Пленковиќ гласале 76 пратеници од вкупно 151, а против се изјасниле 59.
Новата Влада има 16, наместо досегашните 20 министерства, како и четворица потпретседатели Давор Божиновиќ, Здравко Мариќ, Томо Медвед и Борис Милошевиќ.
Пленковиќ на крајот од расправата им се заблагодари на пратениците кои и дадоа поддршка на програмата и на луѓето кои ги претставил, но и на оние кои изразиле критики и несогласување.
Тој порача дека ќе настојува да ја оправда довербата, која ја доживува „како обврска и шанса“ за Владата и за сите хрватски граѓани.
Хрватскиот премиер најави и дека Владата ќе се труди да биде поотворена кон предлозите на опозицијата.