Во рамките на Програмата за култура и меѓународна соработка за 2020 година предвидени се 300.000 денари сопствени средства на Општина Велес за реализација на културни настани на отворено кои ќе се одржат во Амфитеатарот на Младинскиот парк на отворено, информира на денешната прес – конференција градоначалникот Аце Коцевски.
Ќе се организираат концерти од забавен и фолклорен карактер, но и на џез и класична музика, промоции на книги, изложби, филмски проекции, мултимедијални проекти, перформанси и други културни манифестации. Сцената ќе биде отстапена на учесници од различни возрасти, а ќе имаат можност за настап и најмладите таленти од градот.
Тој појасни дека иако сè уште е актуелна ситуацијата со Ковид-19, Општина Велес и оваа година прави максимални напори да обезбеди широк спектар на културни настани за своите граѓанки и граѓани.
Според динамиката на активности, во месец август ќе бидат организирани повеќе настани со уметници од градот и државата.
–Сите настани и активности ќе бидат организирани на отворено, согласно објавените протоколи за почитување на препорачаните мерки за заштита и превенција од ширење на Ковид-19, појасни Коцевски.
Тој информира дека до 15 август ќе настапат само велешки уметници. Во втората половина ќе има Вис тркалезна маса со настап на поетско – музичкиот перформанс „Песни и звуци од чудната шума“ и проектот „Лејдис енд џентлмен“.
Инаку, програмата на Велешко културно лето 2020 започнува на 29 јули со јубилеен концерт за 25 годишнината на Балетското студио „Анабела“.
На 1 август во пресрет на празникот Илинден ќе се одржи целовечерен концерт на народна староградска и новокомпонирана музика „Македонски ноти“ од групата „Соната“ и групата „Виртуз“.
На 2 август вечерта во Амфитеатарот на Младинскиот парк ќе има проекција на филмот „Републиката во пламен“ во рамките на филмските вечери.
На 4 август ќе има целовечерен концерт на евергрин поп-рок сцена на која ќе настапат „Тринити бенд“.
На 5 август во Ликовниот салон ќе има изложба на фотографии „Велес низ старите фотографии“.
На 8 август во Амфитеатарот на Младинскиот парк ќе се одржи целовечерен концерт џез подиум изведувачи се Авни авшад квинтед.
На 11 август во паркот на ООУ „Васил Главинов“ предвидена е промоција на поезија за возрасни „Во градината има само љубов“ од Лила Арсова и Филип Димкоски.
На 12 август на програмата е концерт на млади таленти на класична музика „Велешки видричиња“ а ќе настапат младите уметници Љубица Малинова, Дора Пајдакова, Филип Костоски, Исмаил Дурмишовски и Даниела Теова.
Во Ликовниот салон на 13 август ќе се одржи јубилејна изложба на уникатни дела изработени со ориз и синапово семе на авторот Снежана Лазарова – Луна по повод 10 години од нејзиното творештво.
Целовечерен концерт „Сербес класика“ на Градскиот камерен оркестар „Стефан Гајдов“ е на програмата на 15 август на сцената на амфитеатарот на Младинскиот парк./МИА/