Министерот за здравство Венко Филипче во изјава за телевизија „Алсат“ потврдува дека имало случаи кога дел од здравствениот персонал пријавил лажни податоци за да искористат боледување, пренесе 360 степени.
„Има и такви случаи, за жал. Но, за среќа се ретки некој да избегне работна обврска, да се обиде дури и да исфингира и да даде грешни податоци за да добие боледување, што мислам не е коректно. Сите со голем ентузијазам се вклучија во помош на сите свои колеги во работата со пациентите со ковид-19“, вели Филипче.
Тој посочува дека користењето на летните одмори од страна на здравствениот персонал нема да влијае на третманот на лицата заразени со ковид 19. Објаснува дека одморите се организираат врз основа на прелиминарен план со кој ќе се обезбеди да има доволно персонал во секоја болница.
Министерот вели и дека болничкиот капацитет за лекување на пациенти со Ковид-19 е полупразен и дека нема опасност од недостиг на болнички простор.