– Фирмите кои добиле државна помош а не им ги исплатиле парите на работниците, веднаш да бидат казнети и објавени. Ако ова не се направи, секоја фирма во иднина ќе знае дека може слободно да си ги крши законите на штета на работниците и да поминува неказнето. И во иднина, кога ќе се дизајнираат вакви мерки, парите директно да им се исплаќаат на работниците, а не преку фирмите, пишува на ФБ Бранимир Јовановиќ, поранешниот советник на министерот Тевдовски во Министерството за финансии.
Директорката на УЈП Сања Лукаревска, денеска на прес-конференција ги соопшти податоците од реализацијата на мерката во април, мај и јуни, и апелираше до работодавачите кои ја добиле финансиската поддршка, а не ја исплатиле кон работниците тоа да го сторат пред јавно да бидат објавени.
Апелирам до сите работодавачи што не ја испочитувале оваа законска одредба да го направат тоа кон своите вработени, бидејќи целта беше да се зачуваат работните места, а не парите да ги земат работодавачите. Да го направат тоа пред да бидат јавно објавени, истакна Лукаревска.
Работодавачи од Скопје, Тетово, Гостивар, Стругa, ја зеле финaнсиската поддршка од државата за исплата на плата на вработените, но не ја исплатиле на работниците. Ова го покажа анализата на Управата за јавни приходи.
Ј. Ѓ.