Атлантскиот совет од Вашингтон денеска ќе биде домаќин на онлајн Самит на лидерите на шест замји од Западниот Балкан, на кој, според организаторите, ќе учествува и претседателот Стево Пендаровски.
Целта на самитот е преземање практични чекори за постигнување на договор за регионалната економска соработка, кој би требало да му помогне на регионот да се справи со разурнувачките последици на пандемијата на Ковид-19 преку зголемување на можностите за економски развој.
– Очекуваните економски и социјални последици на пандемијата Ковид-19 врз Балканот бараат итна регионална акција за да се избегне економската стагнација и потенцијалната нестабилност што доаѓа со неа. Овој договор ќе демонстрира посветеност на лидерите за поттикнување на економскиот развој преку слободно движење на стоки, лица и услуги преку границите во регионот. Тој, исто така, ќе воспостави и значаен план за привлекување странски инвестиции и забрзување на ефикасното распоредување на средствата од фондовите за надминување на последиците од Ковид-19, се наведува во соопштението на Атлатскиот совет.
Советот потенцира дека го организира овој Самит за партнерство на Западниот Балкан со цел да ги олесни и промовира конкретните чекори за регионална економска интеграција што може да го стимулира економското закрепнување по Ковид-19, да ја зајакне конкурентноста на регионот на подолг рок и да го зголеми интересот на инвеститорите за вложување.