Државниот пазарен инспекторат ги испитува злоупотребите на ваучерите за туризам кои ги дава државата во вредност од 6 000 денари, а кои дел од граѓаните наместо да ги користат ги продаваат.
Во изјава за ТВ Алсат, која објави дека граѓани своите ваучери ги нудат на хотелиери или на сопственици на приватни апартмани, првиот човек на пазарниот инспекторат вели дека неправилности се забележани во Охрид и Струга и дека случаите се испитуваат.
„Имаше ситуации каде сопственикот имал осум апартмани, кои може да ги издава за туристи, а во исто време на списокот беа откриени 10 ваучери“, посочува Стојко Пауновски во изјава за ТВ-Алсат.
Пауновски најави дека контролите во однос на ваучерите ќе продолжат и во текот на деновиве по празничниот викенд, како по хотелите така и по приватните апартмани и оти повеќе информации ќе имаат наредната недела.
Во сторијата на ТВ Алсат се открива и дека на специјализираните интернет-страници за продажба овие ваучери се нудат за цени од по 3000 и 4000 денари, а има и такви кои продаваат и по два ваучери.