Во пресрет на 28ми август-Денот на рударите во Република Северна Македонија, Министерството за економија го честита празникот на сите рудари.
Рударството претставува базата за развој на индустријата во една држава, а рударите претставуваат наш бесценет човечки ресурс и должни сме да им обезбедиме што подобри услови за работа. Во таа насока, заложба на оваа влада е да озбезбеди одржливо рударство, преку користење на најдобрите и најсовремените техники во оваа индустриска гранка, а влијанието врз животната средина и здравјето на луѓето да се сведе на минимум.
Овој важен стопански сектор, и придружните сектори кои го опслужуваат бројат над 10.000 вработени, а во вкупното индустриско производство секторот Рударство и вадењето на камен учествува со 8,3%. Тоа значи дека инвестициите во рудниците, но и поддршката која ја дава Владата на овој сектор даваат резултати. Натамошниот развој во овој сектор е единствено можен со континуирани вложувања во модернизација со што ќе се обезбеди заштита на животната средина и ќе го поттикне локалниот економски развој.
За таа цел, Владата со несмалено темпо ќе ги продолжи планираните активности во секторот рударство, што ќе резултира со значително подобрен Закон за минерални суровини и подзаконски акти, водејќи се првенствено од начелото за одржлив развој, заштита на животната средина и безбедноста при работата.
Оваа година, традиционалната прослава по повод Денот на рударите, која ја организираше Министерството за економија нема да се одржи заради епидемијата предизвикана од вирусот COVID-19. На сите рудари Министерството за економија им посакува добро здравје, мир и благосостојба. Среќно.