Досегашниот министер за надворешни работи и кандидат за вицепремиер за европски прашања, Никола Димитров, најави дека не очекува да има реална и конструктивна дискусија на денешната парламентарна седница каде на дневен ред е гласање за избор на новата Влада. За ова тој ја обвини опозиција за која рече дека од првата седница покажа дека има исто ниво како минатиот парламентарен состав.
Мислам дека не треба да се преправаме дека овде ќе има реална дискусија. Од првата конституивна седница стана јасно дека нивото е од минатиот парламент. Така што, интимно некој од опозицијата дури и да го убедат се разбира тоа нема да го видиме и граѓаните нема да го видат, изјави Димитров пред влезе во Собрание.
Зборувајќи за приоритетите на новата Влада, Димитров рече дека фокусот ќе биде во справување со пандемијата и економските последици, реформите, економскиот развој и интегративниот процес. Тој најави дека следниот месец почнува подготовка за преговарачката рамка и дека сите европски земји се одлучни што побрзо да се започне процесот.
Ова според Димитров ќе биде добра прилика и за опозицијата да разговара за нешто суштинско и да придонесе за земјата и општеството и да се остави малку на страна политиката и политиканството.
А. Зеќири