Мандатарот за состав на новата Влада, Зоран Заев, во своето експозе се обрати и кон министрите во следната Влада порачувајќи им дека од нив очекува одговорност, очекува работа единствено во интерес на граѓаните и државата. „Да ги ставите интересите на граѓаните и државата на прво место. Имате привилегија во вашата работа да донесете добро за нашата држава и нашиот народ- Искористете ја! Очекувам посветена работа и целосно да се вградите и да водите процеси кои носат трансформација на подобро. И никогаш не заборавајте дека секој од вас е одговорен и пред граѓаните и пред законите – нема толеранција за прекршување на законите или етичките норми, без разлика на функцијата која ја извршувате“, порача мандатарот Заев.
Тој на идните функционери им порача дека следува одговорност за секое прекршување на законите, без разлика дали некој извршувал каква било државна функција.
„Ако некој го прекрши законот ќе одговара, ако се прекршат етичките норми очекувам оставка или ќе има разрешување, ова се однесува и на сите директори и раководители, но и на целата јавна администрација, посебно да водите грижа за однесувањето на тие од вториот и третиот ешалон, раководители на сектори и одделенија. Шефовите во јавните институции, најголемите злоупотреби и неетички односи се прават токму таму“, заклучи Заев.