Пред гласањето на новата Влада, мандатарот Зоран Заев ги повтори главните заложби на неговиот кабинет. Акцентот беше ставен во економијата, подобрување на социјалниот и економскиот стандард, перспектива за младите во земјата, правда и модерна држава.
„Сега сите соседи ни се пријатели, очекуваме економската соработка да расте и граѓаните да имаат полза од тоа. Сега сме членка на НАТО, имаме преговори за членство во ЕУ и со нашата посветеност ве уверувам дека ќе имаме земја и институции со кои сите ќе се гордееме. Најавувам целосна посветеност во економија, рационализација и квалитетна администрација, намалување на непотребни трошоци и јакнење на економскиот стандар на граѓаните. Младите да бараат перспектива во приватниот сектор, да бидат газди и менаџери. Претстои пред сите нас стабилен политчки период, поддршката од вашата земја драги граѓани ќе ја добиете, преку фонд за иновации, ИПА фондови, преку министерства и сите ресори. Сакам да упатам порака до младите, не одите, останете дома и придонесете за развој и модернизација на нашата земја каде ќе имаме перспектива. Најавувам брза и навремена поддршка за најсиромашните”, рече Заев.
Тој најави и жестока борба против криминал, корупција и сивата економија. Заев рече дека конечно е време за правда и правна држава. Напредок и инвестиции новата Влада предвидува и во здравство, образование и другите сектори.
На крај упати порака до опозицијата да почнат да имаат став за важните работи како и да се вклучат во важните процеси за напредок на земјата.