Социјалдемократскиот сојуз се подготвува на крајот на септември или почетокот на октомври да одржи вонреден конгрес на кој ќе се смени начинот на избор на претседател на партија, а се предвидуваат и други статутарни измени. Според лидерот Зоран Заев, првиот човек на партијата ќе се избира на непосредни избори од партиските членови, а тие ќе се одржат во април следната година, кога ќе истече мандатот на Заев, пренесува Слободен печат.
Ќе има статутарни измени и во делот на генералниот секретар со цел вицепремиерот Љупчо Николовски да ја задржи и партиската функција во СДСМ, бидејќи според сегашните правила, оваа партиска функција е неспоива со извршната власт.
Според Статутот, генералниот секретар на партијата учествува во градењето на политиката на СДСМ, се грижи за кадровските прашања на СДСМ и се грижи за финансиското работење. Николовски, во новоизбраната влада на Заев е поставен за вицепремиер задолжен за борба против корупцијата, одржлив развој и човечки ресурси.
И најголемата опозициска партија, ВМРО-ДПМНЕ почна да прави кадровски измени. Избран е и нов претседател на Унијата на млади сили, Сергеј Попов, а е донесена одлука и за распишување оглас за претседателка на Унијата на жени, преку јавен повик кој ќе трае две недели. Центарот за комуникации ќе го раководи Луке Галески.
Од ВМРО-ДПМНЕ уште нема најава дали ќе се одржи вонреден конгрес. По поразот на парламентраните избори, членови на партијата кои се декларираат како иницијатори за промени, секојдневно му упатуваат барање на Христијан Мицкоски да се повлече од лидерската функција и да свика вонреден конгрес.
Извор: Слободен печат