Десетици новинари се собраа денеска пред полициската станица во белоруската престолнина во знак на протест против притворањето на нивните колеги кои професионално ги следеле демонстрациите против претседателот Александар Лукашенко и против изборите за кои опозицијата смета дека се наместени.
Полицијата вчера приведе 75 лица, меѓу кои и осум новинари од белоруските медиуми, под обвинение за учество во демонстрации за кои немало дозвола.
Тие би можеле да добијат парични казни или затвор до 15 дена доколку бидат обвинети и осудени.
– Сведоци сме на незаконските активности на агенциите за спроведување на законот, кои ги замолчуваат новинарите без да се грижат за методите, рече Олга Лоико, новинарка на популарниот белоруски онлајн магазин tut.bi.
Белоруските власти во неколку наврати приведуваа новинари од локални и странски медиуми кои известуваа за протестите против претседателот Александар Лукашенко. Меѓу нив беа дописниците на Ројтерс, АП, ТАСС, РИА Новости, Дојче Веле и Радио Свобода.