Генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, во денешната изјава го нарече театар и гол популизам настанот во Владата, кога премиерот Зоран Заев им подели мандатни писма на 19 министри во неговиот кабинет.
Наместо Заев да дава мандатни писма, народот на Заев му дава мандатно писмо во кое се бара:
- Да ги врати назад на работа 40 илјади кои изгубија работни места во ковид-кризата поради лошите и ненавремени економски мерки;
- Да им помогне на лозарите кои во ек на бербата на грозјето не знаат дали воопшто и по која цена ќе биде откупено нивното грозје;
- Да се врати старата цена на струјата, затоа што има скапа струја, а сиромашен народ;
- Да се намали цената на бензините преку укинување на зголемената акциза;
- Да се обесштетат стопроцентно измамените штедачи од Еуростандард банката и да се открие кои компании од Струмица се примачи на кредитите без покритие:
- Одговорност за министерката на Заев, Нина Ангеловска, која за разлика од илјадниците други граѓани на време си ги извади парите од Еуростандард банка;
- Апсолутна правда за сите, да се тргнат рацете од судството и обвинителството;
- Веднаш да се реши проблемот со децата во градинките кои поради ковид-кризата се изложени под ризик и за кои нема соодветни адекватни просторни услови за згрижување;
- Да го видиме планот за колапсот кој се случува во образованието. Македонија е една од ретките држави каде доцни стартот на учебната година, и кризата која трае од март ги изненади владините институции кои за жал се уште немаат никаков план;
- Филипче да замине од Министерството за здравство затоа што неговата неспособност ја плаќа народот со своето здравје и живот;
- Заев да престане да раздава стотици илјади денари државни плати, бидејќи народот нема за леб;
- Заев да престане да троши милиони евра за набавка на скапи и луксузни автомобили, бадеми и лешници затоа што сто илјади граѓани живеат со помалку од 50 денари дневно;
- Да ги разјасни десетиците нерасчистени убиства, палење на домови и автомобили;
- Да престане да дели криминални тендери во еден хотел во Источна Македонија;
- Конечно да се удри мафијата која денес е едно исто со власта, почнувајќи од Заев па се до постапки за Ден Дончев и „Диамед“, за Рашкоски и Леонардо, за функционерите со кокаин, за градоначалникот шверцер на цигари и сите останати, а не се малку;
ПОТСЕТУВАЊЕ:
Во аудио снимката со наслов „Да ги е*е гаси лифтовите“, во кратката комуникација меѓу двајцата соговорници се дискутира за познатото „гасење лифтови во згради на ден на гласање“, конкретно за изборите во 2013. За ова и претходно се знаеше во јавноста, а во разговорот Јанушев додава дека ако ги изгасат лифтовите, не би знаел како да ги изнесе „нивните“ да гласаат.
Снимки од телефонски разговори меѓу носителот на листа на ВМРО ДПМНЕ во 4 ИЕ Игор Јанушев и поранешниот министер за транспорт Миле Јанакиески беа објавени на Јутуб каналот од „Обнова на режимот“. Во петте аудио „бомби” се слушаат гласовите на Јанушев и Јанакиески. „Бомбите“ се објавени на Јутјуб каналот “Обнова на режимот”.
Во една од снимките Јанакиески прашува за некои документи, на што Јанушев му одговара дека средено е сè, дека треба да бидат уништени документите.
Второто потсетување се однесува на „бомбата“ во која сака да „ѝ удри бокс на Данче“, снимка за која Даниела Рангелова обзнани дека боксот бил наменет за неа.
„Можеби ја слушнавте бомбата во која што Јанушев кажува дека ќе дели шамари? Тоа е за мене! И за боксот е за мене, тоа е во кампањата на Владимир Тодоровиќ во 2013 година кога јас бев обичен член на партијата. Тогаш Јанушев му беше записничар на Миле Јанакиески. И сега истиот тој Јанушев кажува дека е новото раководство, рече Рангелова во гостувањето во Отворено на Телевизија 24.
Рангелова потенцираше дека нема лично нетрпение со Јанушев, туку тој едноставно има арогантен карактер.
Д.Е.