Реакциите на граѓаните во врска со судството се главна мотивација за отворање на процесот, со кој обезбедуваме поотчетно, потранспарентно судство и обвинителство, изјави новиот министер за правда Бојан Маричиќ за Сител телевизија.
Премиерот неколку пати спомна дека правдата, економијата, европските интеграции се во фокусот на оваа Влада. Во досегашниот мандат од 3 години направивме една солидна законска база каде што овозможивме и Судскиот совет и Советот на јавни обвинители да ја преземат одговорноста за судството и на дело да покажат дека навистина може судството да биде независно, истакна Маричиќ.
Со истекот на првите 100 дена на Владата ќе имаме јасен план и модел со одредници како ќе го спроведеме прочитувањето на судството и обвинителството, најави Маричиќ, додавајќи дека тоа предвидува проверка на имотот на судиите и на обвинителите, анализа на случаите, кои имаат еклатантни грешки, задоцнување и застарување на случаите, непрофесионален однос и очигледно влијание врз судиите и обвинителите.
Ова пред се мора да се врши преку ДКСК, тој процес делумно е започнат, но ние очекуваме да се забрза и во еден брз рок да биде проверено потеклото на имот на секој судија и обвинител, тоа е прв чекор кон прочистување или кон утврдување кои вршители на обвинителските и судските функции не може да го докажат, рече Маричиќ.
Тој додаде дека секаде каде што има намерно застарување на предмети „сметаме дека Судскиот совет тоа треба итно да го разгледа и да го одлучи во таа насока. Ова може да го испорачаме со постоечките институции, владата и министерството за правда мора да се погрижат овој процес да не застане, должност на Владата е во име на граѓаните да бара поотчетно, поправедно судство“, рече Маричиќ.
Д. Е.