Дел од досегашните раководни структури на политичката партија ИНТЕГРА денеска остварија средба со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоси, на која најавија дека ќе преминат во редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Воислав Зафировски од ИНТЕГРА на денешната прес-конференција по одржувањето на состанокот истакна дека одбиваат да работат и да се декларираат како дел од оваа ИНТЕГРА, која според него, работи во несоодветни услови.
-Затоа сакам да нагласам дека сите се определивме да преминеме во ВМРО-ДПМНЕ и од тука испраќаме повик до сите оние десно ориентирани политички партии па и оне кои не се десно ориентирани да ни се придружат, да направиме блок кој ќе ја реализира онаа идеја која беше присутна уште пред изборите, а таа идеја беше да се сруши оваа власт, која ја обезличи и обешчести Македонија. Затоа повикот е отворен, затоа прифативме да бидеме дел од опозицијата, а не дел од власта, рече Зафировски.
Според Зафировски, актуелниот претседател на ИНТЕГРА за време на изборниот период одработил за актуелната власт, а самиот Зафировски е разрешен на седница без да биде повикан на истата, наводно поради морални причини.