Околу 20 проценти од вкупниот број основни и средни училишта во Северна Македонија испратиле барање за одржување физичка настава од 1 октомври, но прашање е колку ќе ги исполнат условите на Комисијата, пишува Дојче веле.
Од вкупно 494 основни и средни училишта во земјата, 113 побарале од владината Комисија да им дозволи одржување физичка настава од 1 октомври, за кога е закажан почетокот на новата учебна година. Евалуацијата на училиштата е во тек, а конечната одлука ќе ја донесе владата на седница в четврток. Од пријавените училишта, 79 се основни и 34 се средни.
Согласно протоколите кои ги утврдија надлежните, за секое училиште се оценуваат три фактори: вкупната бројка на ученици, просторните капацитети и епидемиолошката состојба во општината во која се наоѓа училиштето.
Од Министерството за образование велат дека засега е сигурно дека само учениците од 1 до 3 одделение ќе започнат со настава, а останатите ќе имаат настава од дистанца, и во тој правец течат и подготовките.