Новите пратеници во Собранието до Државната комисија за спречување на корупцијата ги доставија анкетните листови за имотната состојба со која влегуваат во четиригодишниот мандат. Дел од пратениците и порано вршеле државни функции, па на веб страницата на Комисијата можат да се најдат и нивните стари анкетни листови. Увид во имотот на пратениците направи порталот кои потекнуваат од Велес или се кандидирани во третата изборна единица, пишува batali.net.
Убедливо најбогат велешки пратеник е Игор Јанушев од ВМРО-ДПМНЕ (или неговата сопруга) кој во анкетниот лист за имотната состојба навел дека тој и сопругата имаат имот во вредност од 300.000 евра или четири стана во Скопје, куќа во Охрид и два луксузни автомобили.
Целиот имот е во сопственост на сопругата на Јанушев, освен еден стан, кој е заеднички имот и еден автомобил, кој е единствениот имот што го поседува 36-годишниот генерален секретар на ВМРО ДПМНЕ. Тој и неговата сопруга двата стана ги стекнале во две години – два во 2009 и два во 2012 година. Тие две години се најплодните за ова семејство, бидејќи прво во 2009 година добиле на подарок еден, а купиле уште еден стан, а истото тоа им се повторило и три години подоцна.
На веб страницата на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) можат да се најдат два анкетни листови за Јанушев – еден кога бил директор на ЈСП Скопје и уште еден сега, кога стана пратеник во Собранието. Споредувајќи ги двата анкетни листови, се забележува дека заминувањето на ВМРО ДПМНЕ во опозиција не влијаело на тоа, Јанушеви да не ја зголемат својата имотна состојба.
Токму во 2017 година, Јанушев купува автомобил Лексус произведен 2013 година, кој го проценува на 15 илјади евра, а две години подоцна неговата сопруга се подновува со нов, луксузен Нисан Кашкаи од близу 24 илјади евра. Оваа 2020 година семејството Јанушеви добива уште еден подарок – куќа во Охрид од 50 м2, подарен на сопругата на Јанушев.
Целиот текст за имотната состојба на пратениците во македонското собрание, можете да го прочитате на batali.net.
Инаку, Јанушев се сомничи за злоупотреба на службената положба при набавката на двокатните автобуси од кинеската компанија Јутонг во случај на СЈО.