Од нашите сојузници, вклучително и од пријателска Бугарија, очекуваме да помагаат, а не да одмагаат, изјави попладнево министерката за одбрана Радмила Шекеринска како одговор на изјавата на нејзиниот бугарски колега Красимир Каракачанов дека Бугарија не е против, но смета дека не е време за одржување на меѓувладината конференција за почеток на пристапните преговори на Северна Македонија во ЕУ.
Ваквите изјави, смета Шекеринска, не помагаат и не се во духот на Договорот за добрососедство со Бугарија.
– Ако нешто научивме во овие 30 турбулентни балкански години е дека емоциите не се добар сојузник во решавањето на билатералните прашања. Ние покажаваме дека со сите наши соседи можеме да бидеме пријатели. Покажаваме и дека сме подготвени да инвестираме во таков сојузнички однос и ќе продолжиме да градиме и понатаму таква политика. Очекуваме нашите сојузници и нашите пријатели да му помогнат на регионот, а не да му одмагаат. Единствен начин да му помогнеме на овој регион е да му дадеме шанса да има подобра и европска иднина, рече Шекеринска на прес-конференција.
Сега, вели Шекеринска, е моментот кога се гледа колку навистина сакаме да градиме добрососедски односи. Ние, додава, нашиот тест го поминавме.