Секторот за односи со јавност на Владата информира дека Вицепремиерите Битиќи и Николовски и министерот Бектеши утре ќе одат во еднодневна работна посета на Република Грција, и ќе учествуваат на тркалезна маса за регионална енергетска соработка.
„Ве известуваме дека официјална делегација на Владата на Република Северна Македонија, во чиј состав се заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, заедно со заменикот на претседателот на Владата за борба против корупција, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски и министерот за економија Крешник Бектеши, утре (понеделник) 28.09.2020 година, ќе реализира работна посета во Солун, Република Грција.“ – – пишува во официјалното соопштение на Владата.
Во претпладневните часови, делегацијата ќе учествува на тркалезна маса на тема: „Регионална енергетска безбедност и соработка“, која се организира од Федерацијата на индустрии на Северна Грција, а на која ќе учествуваат и државниот секретар на САД, Мајкл Помпео и министерот за развој, конкурентност, инфраструктура, транспорт и врски во Владата на Република Грција, Костис Хаѕидакис.
По завршување на тркалезната маса, официјалната владина делегација ќе изврши посета на ИКТ технолошки парк во Солун и ќе оствари средби со неколку грчки компании.