Во 12 часот судијата Душан Јосифов во Основниот кривичен суд во Скопје ќе ја изрече пресудата за случајот „Насилство во Центар“.
Ова следува откако по денешното седумчасовно рочиште, завршни зборови даде и одбраната. Зборуваа адвокатите, како и ексминистерот Миле Јанакиески, а кратки обраќања имаа и останатите обвинети.
Адвикатите на Јанакиески побараа да се повлече обвинието против него.
„Нема доказ дека јас ги координирам насобраните пред општината. Не знам како тоа сум го правел, со волшебно стапче или на холограм“, рече Миле Јанакиески во завршните зборови како одговор на исказот на сведокот Томислав Лазаров.
Останатите пет обвинети за насилство се од лицата кои директно учествувале на протестите.
На минатото рочиште кога обвинителката Фатиме Фетаи ги даваше завршните зборови и побара максимални казни за организаторите на насилните протести, Никола Груевски и Миле Јанакиески, додека за четворица од учесници на протестот побара затворски казни, а за еден условна казна бидејќи, како што рече, неговите насилнички дејствија немаат таков интензитет.
Пред да ги побара казните и да ги анализира доказите, Фетаи го повлече обвинението за тројца обвинети. Меѓу нив, поранешната пратеничка Даниела Рангелова, која во периодот на протестите беше советничка во општинскиот Совет од ВМРО-ДПМНЕ во Центар, и двајца учесници на протестите.