Денеска во близина на Транспортен центар на улица Симеон Кавракиров во Аеродром, Скопје, имаше масовно отстранување на автомобили од страна на пајак служба.
Пајак службите на неколку наврати ја повторуваа акцијата и ги отсранија сите возила непрописно паркирани покрај коловозот и на тротоарите.
Од она што може да се забележи и на снимките, Пајак службата со 4 возила истовремено, ги острануваше возилата кои беа паркирани.
Локалните жители велат дека добро е што се прави ред и се ослободуваат тротоарите, но велат дека тоа не е решение зашто тие возила се претежно од граѓаните кои живеат во околните згради, и немаат свои паркинг места зашто некои згради се постари градби.
– Овде главниот проблем не се возилата покрај патот, проблемот е што улицата е тесна и безтоа, а прометот на коли е многу интензивен, многу често и се вози со голема брзина, а посебно се прави невидена гужва во утринските и попладневните часови кога одат луѓето на работа, велат граѓаните.
Тие истакнуваат дека решение би било улицата од потегот покрај О.У. Блаже Конески до Транспортен центар да сообрајќа во еден правец, а го спомнуваат и просторот во близина на маркетот „Стокомак“ како алтернативен паркинг, кој би го решил проблемот со паркирање на возилата.
Во текот на изминатата недела со специјалните возила пајак се отстранети вкупно 305 возила од јавните површини во Скопје. Од вкупниот број непрописно паркирани и подигнати возила, 35 се отстранети од зонските паркиралишта, а другите 270 возила по налог на сообраќајната полиција по основ на сторени прекршоци: паркирање на коловоз, велосипедска патека, пешачки премин, тротоар, зелена површина, спротивно на сообраќајните знаци, како и по повик од трето лице. Контролорите на зонските паркиралишта во истиот период санкционирале вкупно 356 возило, поради нерегулирано паркирање, односно за неплатена паркинг-услуга. Од нив, 35 возила се отстранети со пајак службата, поради пречекорување на дозволеното време на задржување на паркиралиштето, информираат од Град Скопје.
Ј. Ѓорѓиоски