„Реализацијата на капиталните инвестиции, стимулирање на градежништвото и македонската економија во овој период кога се соочуваме со Ковид-кризата е наш приоритет. Денеска заедно со директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов сме присутни во Кичево, со цел да извршиме увид во рехабилитацијата на регионалниот пат Кичево – Македонски Брод, кој после пет децении за прв пат се рехабилитира“ – истакна министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.
Регионалниот пат Кичево – Македонски Брод се рехабилитира во должина од 26 километри, а вредноста на инвестицијата изнесува 3,15 милиони евра. Градежните работи се во тек и се очекува делницата да биде завршена во јули следната година.
„Македонските градежни компании се активни на терен и интензивно работат на реализација на инфраструктурните проекти. Во ова време, кога се соочуваме со Ковид-кризата, заедно со другите институции преземаме конкретни активности со цел да ги вбризгаме парите во што е можно поголем обем во македонската економија. Наша примарна цел е преку крупни капитални инвестиции да ја доведеме целокупната патна инфраструктура во државата на повисоко ниво, со што истовремено ќе отвориме нови работни места, ќе ја закнеме економијата и ќе ја зголемиме безбедноста во сообраќајот. Пример за тоа е и рехабилитацијата на регионалниот пат Кичево – Македонски Брод, кој е од особено значење за овој регион, со оглед на близината на ТИРЗ зоната и големата фреквенција на возила. Кога станува збор за Кичевскиот регион, сакам да најавам дека следуваат нови инвестиции во инфраструктурата и со силно темпо продолжуваме со реализација на проекти со кои ќе ги ангажираме домашните компании и ќе стимулираме раст на градежништвото во земјава“ – изјави министерот за транспорт и врски Благој
На новинарско прашање во врска со автопатот Кичево-Охрид, министерот Бочварски истакна дека на терен се повеќе се засилуваат градежните активности и во периодот што следува се очекува зголемен интензитет на изградба.