Од отворањето на градинките на 9 септември па досега, Ковид-19 е потврден кај 21 вработен и 10 деца, информираше министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска.
Шахпаска вели дека сите заболени се во добра здравствена состојба, а поради овие случаи во изолација се испратени 150 деца.
– Ние будно ја следиме состојбата зашто градинките беа првите установи за деца што беа отворени, на некој начин тоа беше првиот чекор за нормализација на општеството во период на пандемија. Досега состојбата во градинките е стабилна. Последната информација е дека од отворањето на градинките досега 10 деца и 21 вработен се регистрирани позитивни и се во добра здравствена состојба. Голем дел од групите што беа затворени поради некој позитивен случај делумно се вратени со работа. Бројот на изолирани деца поради коронавирусот е 150 – рече Шахпаска.
Според неа, децата што биле позитивни не ја стекнале инфекцијата во градинка.
– Тоа го тврдиме врз основа на податокот дека сите членови на потесните семејства се позитивни. Најверојатно инфекцијата ја донеле од дома – нагласи Шахпаска.