Опасноста од блокада на членството на Северна Македонија во ЕУ од Бугарија постои веќе една година, а Европската Унија треба да интервенира во решавањето на оваа проблематика. Двете соседни земји немаат потреба за недоразбирања и ова прашање може да се реши само со посредство на европските претставници, велат експерти за европски и политички прашања за „Порталб.мк“.
Малинка Ристевска Јорданова од Институтот за европски политики вели дека позицијата на Бугарија и не е толку неочекувана со оглед на објаснувачкиот меморандум на Бугарија, што го комплицира усвојувањето на Рамката за преговори за Северна Македонија.
„Нема промени во позицијата на Бугарија во текот на изминатата година, напротив, бугарскиот објаснувачки меморандум дополнително го комплицира усвојувањето на Рамката за преговори за Северна Македонија. Иако германското претседателство прави напори оваа година да се одржи првата меѓувладина конференција, Бугарија не се приклучува на одобрувањето со земјите-членки за усвојување на рамката за преговори за која е потребен консензус“, изјави за „Порталб.мк“ Малинка Ристевска Јорданова од Институтот за европски политики.
Според неа, се очекуваат неколку промени на позициите, особено што Бугарија и Северна Македонија имаат заедничко претседателство за време на Берлинскиот процес на Самитот во Софија на 10 ноември. Нашата земја, посочува Ристевска, нема многу простор за компромис, особено со оглед на фактот што многу бугарски барања се спротивни на Договорот од Преспа, како и на вредностите и стандардите на ЕУ. Затоа, се очекува поголема флексибилност од високите бугарски политички лидери.
Од друга страна, колумнистот Селим Ибраими во изјава за „Порталб.мк“ вели дека Бугарија и Северна Македонија мора да најдат конечно решение во однос на македонската историја, култура и јазик. Според него, нема потреба од расправии меѓу државите, па затоа е важно ЕУ да интервенира во прашањето на македонскиот јазик и култура, односно во прашањето што ризикува Бугарија и Македонија да ги направи непријателски држави.
„Македонската влада и македонската дипломатија мора да бидат внимателни во третирањето на историските прашања кои се затегнати уште од времето на комунизмот, значи од 1944 година до независноста на Македонија. Мислам дека разгледувањето на некои историски прашања и датуми е во интерес на Македонија и нејзината државност, за потпишување на еден конечен договор со Бугарија. Исто така, бугарската страна, како бранител на словенските интереси, мора да биде внимателна во справувањето со прашањата, бидејќи културата и јазикот се прашања на идентитетот и не можат да се третираат како единствени прашања на само една држава или една нација. Затоа, важно е да се најде заеднички јазик, но мора да бидеме внимателни во тоа што изјавуваат политичарите и што ќе изјават историчарите кои се занимаваат со ова прашање “, изјави Ибраими.
Според него, македонските историчари треба да ги разгледаат сите прашања што имаат историска сличност со Бугарија, ривалството што постоело во време на Југославија на Балканот меѓу Западот и Русија, а и улогата на Југославија.
Тој проценува дека ќе биде потребна рафинирана дипломатија од Македонија за да се постигне договор. Но, не е во интерес ниту на Бугарија, ниту на Европа, Македонија да не започне разговори.
Според него, не е важно дали разговорите ќе започнат во јануари или декември, важно е да се воспостават стабилни и сигурни односи меѓу државите. ЕУ треба да ги поддржи двете земји, а пак македонската дипломатија треба да внимава да не создаде нови тензии со Бугарија.
Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, на состанокот одржан во Софија пред четири дена, се соочи со ставот дека официјална Софија нема да се откаже од своите барања за решавање на прашањето за македонскиот идентитет и јазик. Ова уште еднаш беше истакнато од бугарската министерка за надворешни работи Екатерина Захариева, која пред новинарите изјави дека е време Северна Македонија да ги препознае историските реалности.
Захариева рече дека Бугарија прва ја признала независноста на земјата и дека многу рано ги прифатила современите политички реалности. Таа додаде дека нејзината земја секогаш ги поддржувала независноста и државниот суверенитет на Северна Македонија, никогаш немала територијални претензии и никогаш не било одбиено правото на идентификација на нејзините граѓани.
Два дена по овој состанок следи реакцијата на премиерот на Северна Македонија Зоран Заев, кој рече дека разговорите меѓу министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева и министерот на Северна Македонија, Бујар Османи, не биле добри и доколку Бугарија остане во она што го има предложено, народот во Македонија треба да се подготви разговорите со Европската Унија да не започнат во декември.
Заедничката комисија на двете држави за историските прашања, по едногодишна пауза, ќе продолжи со работа на 15 и 16 октомври. Оваа комисија произлезе од Договорот за добрососедство, со цел да се решат разликите меѓу двете земји во врска со историските настани и личности. Работата на комисијата е блокирана главно околу прашањето на Гоце Делчев.
Во март, Европската Унија усвои одлука за безусловен почеток на пристапните преговори со Северна Македонија и се очекува меѓувладината конференција да се одржи до крајот на годината, за време на германското претседавање. Со меѓувладината конференција официјално започнуваат и разговорите со ЕУ.
Но, процесот е блокиран од Бугарија, која во септември испрати објаснувачки Меморандум до членките на ЕУ, во кој, меѓу другото, се наведува дека македонскиот јазик не постои и дека е дијалект на бугарскиот јазик, но исто така и дека македонскиот народ е проект на поранешниот југословенски лидер, Јосип Броз Тито.