Компилација од две видеа со наслов „Раскол во ВМРО-ДПМНЕ: Славески го побива Маркоски“, инаку гостувања во ТВ емисии, циркулира на социјалните мрежи. На едното видео, епидемиологот Вело Марковски кој од неодамна е член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ за ТВ 24 вели дека ковид -19 не е опасна болест.
Со сосема поинаков, контра став за истата телевизија, поранешниот министер за финансии од истата партија, Трајко Славески вели дека станува збор за здравствена катастрофа и дека под итно се потребни рестриктивни мерки.
Вело Марковски дури вели дека не станува збор за карантинска болест, а Славески вели дека чиста глупост се мислењата дека болеста не постои или пак дека не е фатална за некои граѓани.
Од друга страна, од ВМРО-ДПМНЕ постојано лиферуваат соопштенија колку власта лошо се справува со корона кризата, дека се потребни уште рестриктивни мерки, а нивниот лидер Христијан Мицкоски, среде есенски корона бран организира серија протести кои се спротивни на протоколите и мерките за заштита од ковид-19.
За потсетување, неколку функционери заболеа од вирусот, и од власта и од опозицијата. Многумина и не ги почитуваа протоколите. На пример во јуни, Мицкоски седеше во угостителски објект на „Боемска“ додека траеше мерката за забрана за собирања на затворено. Мицкоски се правдаше дека не ги знаел добро мерките, а кафеаната заработи кривична пријава и сопственикот треба да плати глоба.
Д.Е.