пишува: ЏАБИР ДЕРАЛА
Почитуван г. Мицкоски,
Во изминатите години се обратив повеќе пати до Вас и до Вашиот претходник, со љубезна молба да одговорите на повеќе актуелни прашања поврзани со Вашата партија и со нејзините политики, изјави и постапки. Обраќањата до Вас беа за нијанса почести отколку во претходниот период. Но Вашите портпароли не одговараат, Вие не одговарате. Со исклучок на Вашиот Министер г. Наќе Чулев и своевремено, Вашата министерка г-ѓа Гордана Јанкулоска, не сте ми одговориле на ниедно прашање како политичка партија повеќе од една и пол деценија, ако не ги сметаме и оние што сега се во Ваша политичка немилост.
Да не се разбереме погрешно, комуникацијата со Вашата партија под раководство на г. Љубчо Георгиевски беше мошне коректна и редовна, и кога бевте во опозиција во 90-те, и кога бевте на власт 1998-2002.
Затоа, уште еднаш, јавно Ве поканувам на интервју во било кој формат, во кое ќе дадете одговор на повеќе прашања од јавен интерес, а чиј број се наталожи. Јавноста заслужува одговори. Во случај овие прашања да не допрат до Вас (како и претходно), јас, паралелно со мејлот испратен на електронската адреса [email protected], ќе ги објавам, па кога ќе имате време, одговорете ги. Доколку се појави потреба од нови прашања, ќе Ви ги доставам дополнително. Да започнеме:
Во Вашите обраќања до јавноста често користите неколку изрази за кои би сакале да добиеме појаснување.
Велите дека во Северна Македонија се спроведува „политички прогон“. Што, според Вас, е „политички прогон“? Против кого поточно се спроведува тој прогон за кој зборувате Вие? Дали ако некој е член на Вашата партија и ако изврши кривично дело, санкциите против тоа лице се „политички прогон“ или спроведување на законите? Дали правите разлика, господине Мицкоски?
Често го употребувате и изразот „немоќта на власта“. Во што се состои „немоќ на власта“?
Што за вас претставува „чиста и јасна правда“ со која се заканувате од говорницата на Вашата партија? Кој ќе ја спроведе таа и таквата правда?
Вашите често повторувани зборови „Македонскиот народ ќе ги казни“ може да се протолкуваат како закана со улична правда и линч. Дали на тоа мислите? Како народот „ќе ги казни“ луѓето од актуелната власт или било кој друг, ако не со крв, насилство, уништување и убиства? Впрочем, многупати Вашите активисти се користат и со тие, подиректни изрази.
Во контекст на претходното прашање, сведоци сме дека поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ, а неретко и истакнати членови на партијата, објавуваат екстремен говор на омраза на социјалните мрежи, вклучувајќи повици за етничко чистење, стрелање, бесење, колење, силување… Таа омраза е упатена како кон припадниците на одделни етнички заедници, така и во кон политичките неистомисленици. Што сте преземале до сега во врска со говорот на омразата кој произлегува од редовите на Вашата партија? Каков е планот на ВМРО-ДПМНЕ за сопирање на говорот на омразата што доаѓа од Вашите поддржувачи и членови? Имате ли некоја порака за своите поддржувачи во врска со говорот на омразата кон другите етнички заедници и кон политичките неистомисленици? Дали партијата ќе упати повик за смирување на страстите и коректна комуникација во јавноста и дали ќе соработува со институциите за да се санкционира говорот на омразата?
Велите дека протестирате против насилството. Против кое насилство протестирате? Дали протестирате против насилството на 27 април 2017 година? Дали протестирате против насилството и за време на ваши протести во минатото, кога биле нападнати и новинарски екипи и се повикувало на екстремно насилство?
Каков е Вашиот став кон епидемијата од Ковид-19? Кои конкретни решенија за надминување на здравствената криза ги предлагате? Да Ве потсетиме, Вие и претставници на Вашата партија често ги кршат мерките за заштита од Ковид-19. Постои ли, според Вас, пандемија од Ковид-19 или се работи за измислица?
Како дојде до тоа толку да се разликуваат Вашето и гледиштето на д-р Вело Марковски од Вашата партија? Тој практично вели дека Ковид-19 не постои, а Вие барате многу поригидни мерки за заштита од кога и да е, а притоа ги кршите мерките за заштита (случаите „Кафана“, „Теретана“, митинзи, поздравување со деца…). Се слушате ли меѓу себе?
Протестирате против цените на струјата со поворки од луксузни автомобили на бензин и дизел. Има ли некаква порака во тоа?
Кога сме веќе кај струјата, Вие му бевте советник за енергетика на Груевски, а воедно имавте и водевте бизниси со хидроцентрали во кои имавте сопственички удел. Во тоа време, цената на струјата скокна околу 100%, беше укината евтината тарифа, а постојат индиции и за сомнителни извозно-увозни зделки. Со кој кредибилитет мислите дека можете да протестирате за зголемените цени на струјата, особено затоа што протестите ги организирате со луксузни автомобили, а не со луѓе, како што тоа легитимно го прават неколку невладини организации и граѓански иницијативи? Која беше Вашата улога во креирањето и спроведувањето на економските политики на Груевски? Како и со колку пари успеавте да влезете во бизнисот со хидроцентралите? Од каде ви се тие пари? Колку пари заработивте од хидроцентралите? Кои други бизниси се во сопственост на семејството Мицкоски?
Што мислите за г. Никола Груевски? Дали навистина сте сѐ уште под негова контрола и ги извршувате неговите наредби, како што тврдат во СДСМ?
Дали ќе протестирате ако г. Груевски се врати во Северна Македонија и биде спроведен во затворот во Идризово на издржување казна затвор? Зошто?
Изгубивте во изборни процеси на сите нивоа: локални, претседателски и парламентарни и уште сте на чело на партијата. Нормално ли е тоа?
Кога велите македонски народ, дали мислите на Македонците во етничка смисла на зборот или мислите на сите граѓанки и граѓани на Република Северна Македонија? Можете ли да ни образложите повеќе за Вашето сфаќање на поимите „народ“ и „нација“? Во тој контекст, кому му припаѓа македонската држава? Кое е Вашето убедување: Дали јас и Вие сме еднакви? На пример, можам ли јас, како некој што не е етнички Македонец, да одлучувам за суштински прашања како што се меѓународните и меѓусоседските односи исто колку и Вие, како етнички Македонец?
Кој ви ги пишува говорите и одговорите на новинарските прашања?
(продолжува утре)