Кафулето „Интермецо“ во скопската населба Капиштец, вчера продолжило да работи, иако имаше 30-дневна забрана за работа. Градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ ова го обелодени на својот „Фејсбук“, и најави кривична пријава по добивањето на записниците.
„По извршените контроли на кафе барот ‘Интермецо’, вчеравечер истиот продолжил со работа и покрај изреченото решение и забраната за работа од 30 дена. Пломбата поставена на влезот на локалот е отстранета што согласно членот 389 од кривичниот законик, претставува кривично дело казниво со парична казна или со затвор до три години. По добивање на записниците, Општина Центар до надлежните органи ќе поднесе кривична пријава за симнување на службен печат“, напиша Богдановиќ на Фејсбук.
Популарното кафуле било затворено поради гласна музика. Забраната требаше да трае 30 дена. По пријава и поплаки од страна на жителите, инспекцијата констатирала дека локалот ги надминал пропишаните вредност на бучава.