Претседателот на Собранието Талат Џафери за утре напладне го закажа продолжението на расправата за нов судија во Уставниот суд да биде избрана Добрила Кацарска, на што опозицијата се спротиставува. За уставен судија Кацарска е предложена од Судскиот совет.
Пратеничката и професорка Гордана Силјановска Давкова истакна дека претседателот на Судскиот совет не треба да биде само гостин на седницата туку треба да образложи зошто токму Добрила Кацарска е предложена за судија во Уставниот суд бидејќи во нејзината биографија нема аргументи за тоа.
За време на дебатирањето на пратениците од СДСМ, опозициските пратеници свиреа со свирчиња, а пратеници од владејачкото мнозинство се пожалија дека во салата не можат да се слушнат нивните обраќања.
Костадинов Костадинов од СДСМ изнесувајќи забелешки за однесувањето на опозицијата рече дека пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и вчера излегле пред гласањето од седницата за ребалансот на Буџетот.
– Не знаете какво е задоволството да му диригирате на ВМРО-ДПМНЕ, а тие да свират на свирчиња, рече Костадинов.
На неговата реплика процедурално реагираше координаторот на пратеничката група на опозициската партија Никола Мицевски, кој рече дека претседателот на Парламентот Талат Џафери го прекршил Деловникот со тоа што не го прекинал Костадинов.
-Доколку не беа пратениците од опозицијата, ребалансот на Буџетот не можеше да се донесе, рече Мицевски.
Џафери рече дека се согласува дека Буџетот не е на дневен ред, но исто така кажа дека не може да слуша што зборуваат пратениците поради тоа што опозицијата свири со свирчиња додека зборуваат нивните колеги од владејачкото мнозинство.
Со свирежи во салата и транспарент „Кацарска извршител на мафијата“, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ претходно, во рамки на 20. собраниска седница, изразија револт против предлогот Добрила Кацарска да биде избрана за уставен судија.