ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
No Result
View All Result
ПРВА ЛИНИЈА
No Result
View All Result
Home ПОЛИТИКА

Маринов во интeрвју за Дојче веле: Во Бугарија уште живее сонот за „ребугаризација“ на Македонија

November 5, 2020 08:09
in ДЕНЕС, ПОЛИТИКА
Share on FacebookShare on Twitter

Бугарскиот историчар и автор на книга за бугарско-македонските односи Чавдар Маринов во разговор за ДВ ги објаснува позициите на Софија низ историска призма. Бугарија смета дека има монопол врз историјата, вели тој во интервју за Дојче веле..

ДВ: Господине Маринов, историските архиви и вашите книги покажуваат дека најголемиот дел од бугарските позиции за македонското прашање останале непроменети од крајот на 1950-те години и доаѓањето на власт на Тодор Живков, досега. Зошто е тоа така?

Маринов: Да, во голем степен официјалните бугарски позиции што ги слушаме денес се формулирани токму во времето на Живков. Навистина, дел од бугарскиот историски наратив за Македонија датира од порано (посебно тезите за средновековната историја, за преродбата во XIX век и т.н.), меѓутоа, неговото конечно кодифицирање се случува имено за време на социјализмот. Ако пред Втората светска војна, бугарската аргументација во однос на населението, историјата, јазикот во Македонија е инструментализирана во расправа со српските и грчките аргументи, по војната оваа аргументација се адаптира и „збогатува” со оглед на негирањето на македонска нација. Разликата со епохата на социјализмот е дека денес во Бугарија постои и дури доминира еден антикомунистички наратив, кој што им ја префрла „вината” за постоењето на македонска нација и на (дури највеќе на) бугарските комунисти пред Живков, при тоа избегнувајќи го фактот дека овој наратив е самиот во голем степен продукт на Живковиот режим. Во тоа има одредена историска иронија. Сосема разбирливо, за времето на Живков, иако на виши партиски форуми и на средби со југословенски раководители можела да се слушне критика на „другарот Георги Димитров” и на претходната партиска линија, таа сепак не е јавно огласена.

ДВ: Во бугарските ставови со децении читаме една иста теза- онаа за „историската вистина“. Настрана проблемот што таа се наметнува како „утврден факт“ врз една соседна земја која треба да ја преземе врз принципот „земи или остави“. Но, какво е мислењето на меѓународната историографија за бугарската „историска вистина“? Се прифаќа ли таа и надвор од границите на Бугарија?

Мојот впечаток е дека странските историчари-балканисти, во Западна и Централна Европа и во Северна Америка, се резервирани и дури доволно критични спрема бугарските тези, што не значи задолжително дека ги прифаќат бескритично македонските. Впрочем, тоа важи во уште поголем степен за лингвистите: тезата за македонскиот јазик како норма, базирана врз есенцијално бугарски дијалект, веќе речиси не се прифаќа од авторитетни научници надвор од Бугарија. Треба да се рече дека во овој поглед постои одредена еволуција во меѓународните научни кругови, и таа не е во корист на Бугарија. За време на социјализмот бугарската позиција имаше повеќе застапници надвор од Бугарија, сега се помалку. За тоа придонесува самата агресивност и националистичко тесноградие на бугарската позиција во однос на Македонија, која што често ги одбива странските специјалисти – дури и оние, што отпрвин имале искрени симпатии спрема Бугарија како земја, култура и т.н.

ДВ: Тоа што можеби збунува многумина во целата оваа ситуација е дилемата: што губи Бугарија со постоењето на македонскиот јазик и засебен идентитет?

Секакви конкурентни интерпретации на минатото, што доаѓат од соседни балкански народи, предизвикуваат шок и негодување кај Бугарите. Конкретно со македонските интерпретации проблемот е посложен, бидејќи нашите националите наративи во поголем степен се поклопуваат, макар и со различни национални обележја како историјата на бугарскиот, односно на македонскиот народ. Причина за тоа е испреплетениот карактер на историјата на бугарскиот национализам и на македонскиот идентитет во крајот на XIX и во првите децении на XX век. По Втората светска војна конечната еманципација на македонски национален идентитет во Југославија со нејзини атрибути како македонскиот јазик предизвикува чувство на загуба, т.е. одредена фрустрација во Бугарија. Бугарите се особено чувствителни спрема начинот на кој се прикажани во македонската историографија и јавен простор, и кон конкретни елементи како српското влијание во македонскиот стандарден јазик: тоа е и првиот атрибут на современиот македонски идентит што е отфрлен од бугарското раководство уште од Димитров (Георги, н.з.) по конфликтот помеѓу Тито и Сталин во 1948 г. Но, тоа чувство на загуба претставува и неспособност да се прифати критички минатото – да се види дека многу од нашите претстави за историјата што ни се чинат „природни” се селективни, тенденциозни и базирани врз погрешни претпоставки за историски континуитет, како што велите.

ДВ: Во април 1967 г., Политбирото на ЦК на БКП формулирало една поцврста позиција во однос на македонскиот идентитет. Во Вашата книга „Македонското прашање од 1944 до денес“, оценувате дека целта на Софија била на овој начин „да ги сврти во своја корист идентитетските тенденции во југословенска Македонија.“ Актуелна ли е и денес оваа мотивација во Софија?

Денес таа е, ми се чини, дури поактуелна одошто за времето на Живков. Според прокламираната тогашна бугарска позиција, Бугарија ги признава „реалностите” во Југославија, која пак морала да признае дека Пиринскиот крај е со бугарско население: позиција што е многу слична со денешната. Меѓутоа, во интерес на вистината, ниту за време на режимот на БКП, ниту денес, Бугарија не се задоволува со нудената од самата неа зделка. Секогаш неизбежно се стигнува до прашањето за „историската вистина”, врз која официјална Бугарија смета дека има монопол и преку која се атакуваат имено денешните „реалности” во Македонија како вештачки.
По распаѓањето на Југославија, Бугарија се обидуваше да им влијае на националните наративи и култура во Македонија во рамките на возможното уште со признавањето на независноста на поранешната југословенска република, што Бугарија го направи прва и постојано го истакнува. Но, главната цел на бугарската политика беше откинувањето на Македонија од Србија: се очекуваше новите политички елити во Македонија да го сфатат „фалшoт” на својата нација и јазик, и така Македонија да се „ребугаризира”. Долгото чекање изгледа ги изнервира бугарската политичка класа и експертските средини во Министерството за надворешни работи, и во последните години Бугарија применува директен притисок врз Македонија од „грчки” тип, имено диктирајќи што Македонците мора да веруваат за себе, за својата историја и јазик.

ДВ: Во Меморандумот на бугарската влада испратен до земјите-членки на ЕУ, но и во изјавите на некои политичари (Каракачанов, Ковачев, и др.) зачестено се споменуваат „стотици илјади Бугари во тогашна НР Македонија кои биле жртви на југословенскиот комунистички режим“. Можно ли е овие бројки да се реални и никој во С. Македонија до ден-денешен да не дознае за овие жртви?

Овие бројки се нонсенс. Нивната основа е една мошне проблематична, непотврдена од сериозни истражувања, повеќе публицистичка литература, пишувана во Бугарија во 80-те години и објавена по падот на комунистичкиот режим. Во неа има мноштво непроверени информации, одречени од архивски истражувања (на пример, за масовно истребување на офицери и војници на Скопското Кале во декември 1944 г.), а исто така и тенденциозно квалификување како „Бугари” на секакви жртви на политички репресалии во југословенска социјалистичка Македонија. Навистина, во јануари 1945 г. се ликвидирани и многумина убедени Бугари како соработници со бугарскиот режим за време на војната: слични репресалии во поголема мера се случуваат во самата Бугарија во оној момент. Во секој случај апсолутно нереалистично е маркирањето како „бугарски патриоти” на мноштво политичари, активисти и др., репресирани во Титова Југославија како македонски националисти (на пример, Методија Андонов-Ченто, за кој што практично не постојат податоци дека се чувствувал како Бугарин) или дури како сталинисти по 1948 г. Секако, наведените од бугарските политичари бројки се комплетно произволни и дефинитивно далеку над секакви разумни калкулации.

Целото интервју на Дојче веле.

 

ФРОНТЛАЈН Е-БИЛТЕН

ПРЕТПЛАТИ СЕ НА Е-БИЛТЕНОТ НА ФРОНТЛАЈН И ДОБИВАЈ ГИ НАЈНОВИТЕ ВЕСТИ НА ТВОЈАТА Е-АДРЕСА

Check your inbox or spam folder to confirm your subscription.

НАЈНОВО

Висок ирански функционер: Иран ќе продолжи со одмаздата како одговор на американските напади

June 23, 2025

Макрон повикува на воздржаност и враќање на преговори по нападот на Иран врз американска база во Катар

June 23, 2025

Иранскиот напад врз база во Катар ќе влијае на односите меѓу држави од Заливот и Иран

June 23, 2025

НАЈЧИТАНО

  • Бранко Тричковски (фото: Чедо Поповски)

    Во оклопот на вмро, Македонците се желки на трката во Спа Франкоршамп

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Велика Британија го предупредува Иран дека нападите врз американските бази и блокадата на Ормутскиот теснец би биле катастрофална грешка

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Владин функционер со клеветнички напад врз интернет порталот Фронтлајн

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • Поскапуваат горивата

    0 shares
    Share 0 Tweet 0
  • ИДФ го заврши својот досега најобемен бран напади врз Техеран

    0 shares
    Share 0 Tweet 0

© 2023 Frontline.mk

  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • ПОЛИТИКА НА ПРИВАТНОСТ
  • МАРКЕТИНГ
  • КОНТАКТ

No Result
View All Result
  • ДОМА
  • ДЕНЕС
  • ПОЛИТИКА
  • ФРОНТ
  • ОПШТЕСТВО
  • СВЕТ
  • ЕКОНОМИЈА
  • МАГАЗИН
  • КУЛТУРА
  • СПОРТ
  • ЗА НАС
  • ИМПРЕСУМ
  • КОНТАКТ
  • МАРКЕТИНГ

© 2023 Frontline.mk