Спречен уште еден фемицид во државава, во кој велешанец се обидел да си ја убие сопругата, но бил спречен од нивната ќерка. Од Основното јавно обвинителство во Велес е донесена наредба за спроведување истражна постапка против 57-годишниот велешанец, кој во текот на вчерашниот ден се обидел да ја лиши од живот својата сопруга удирајќи ја со кабел од шина по целото тело нанесувајќи ѝ тешки телесни повреди.
– Од ударите оштетената паднала на подот. Осомничениот не ѝ дозволувал да стане, туку и се заканувал дека „ќе ја однесе во гробот на мајка ѝ“, „ќе ѝ ја затвори устата така што ќе ѝ ја наполни со крпа“ и дека „ќе ѝ го скрши черепот“. Тој продолжил да ја удира со кабелот по целото тело и престанал дури откако во куќата дошла нивната ќерка. Од ударите што и ги нанесол осомничениот, оштетената добила повеќе повреди по целото тело и скршеница на раката, се вели во соопштението од ОЈО.
До судијата на претходна постапка од Основниот суд во Велес јавниот обвинител достави предлог за определување на мерката притвор спрема осомничениот.
Лицето е осомничено за кривично дело – Убиство од член 123 во врска со член 19 (во обид).