Три дена по затворањето на гласачките места во САД, сè уште официјално не е познато кој е победник на претседателските избори, иако демократскиот кандидат Џо Бајден со „едната нога“ веќе е влезен во Белата куќа, јавуваат американските медиуми.
Гласовите сè уште се пребројуваат во пет сојузни држави – Пенсилванија (20 електорски гласови), Џорџија (16), Невада (6), Аризона (11) и Северна Каролина (15). Бајден води во секоја од нив, освен во Северна Каролина, каде Трамп е во предност.
Џо Бајден во Аризона е во предност пред Трамп со 29.861 гласови, јавува Си-Ен-Ен.
Пребројувањето на гласовите во Аризона ќе продолжи и за време на викендот, а остануваат да се пребројат над 250.000 гласачки ливчиња.
Државната секретарка на Аризона, Кејти Хобс проценува дека остануваат уште меѓу 250.000 и 270.000 необработени гласачки ливчиња.
Таа рече дека 137.000 од овие гласачки ливчиња се наоѓаат во најголемиот округ во државата, округот Марикопа, но дека по објавувањето на новите резултати, тој број ќе падне под 100.000.
Предноста на демократскиот кандидат на претседателските избори во САД, Џо Бајден, во Џорџија продолжува да расте кон крајот на пребројувањето на гласовите во однос на актуелниот претседател Доналд Трамп.
Во Невада која носи 5 електорски гласови предноста на Бајден пред Трамп е 22.657 гласови.
Бајден во Џорџија сега е во предност во однос на Трамп со 7.248 гласа, кој водеше пред да стигнат гласовите испратени по пошта.
Во Пенсилванија, државата со 20 електорски гласови, Бајден во моментов е во водство пред Трамп со 28,833 гласови.
Бајден вкупно досега има 74.391.033 гласови, најмногу во историјата на САД што освоил еден претседателски кандидат, а Трамп заостанува зад Бајден со повеќе од 4 милиони гласови.
За влез во Белата куќа, еден од двајцата кандидати треба да освои најмалку 270 електорски гласа од вкупно 538 електорски гласови.
Бајден засега има 253, а Трамп 213 електорски гласови.
Досега се преброени повеќе од 99 проценти од гласовите.
Џо Бајден имаше видео обраќање во кое нагласи дека иако сè уште немаме конечна потврда за победа, броењето на гласовите низ САД ни укажува за јасна и убедлива приказна – Ќе победиме во оваа трка, нагласи Бајден.
– Она што станува се појасно во секој час е дека рекорден број Американци од сите раси, вери, религии избраа промени. Тие ни дадоа мандат за акција за Ковид-19, економија, климатски промени, системскиот расизам. Тие јасно го ставија тоа до знаење. Тие сакаат земјата да се обедини, а не да се распаѓа. Народот го кажа своето, рече Бајден.
Ј. Ѓорѓиоски