Во БиХ во изминатото деноноќие се потврдени повеќе од 1.700 случаи на инфекција со ковид-19, а 49 пациенти ја загубија битката со вирусот, објавија ентитетските заводи за јавно здравје.
Во последните 24 часа се анализирани над 5.000 примероци од кои 1.120 со позитивни резултати во Федерацијата БиХ и 516 во Република Српска. Пријавени се и 92 заразени лица во дистриктот Брчко во кој починаа две лица.
Поради големиот прилив на пациенти во Клиничкиот центар во Бања Лука, здравствените власти се принудени да прифатат помош и од студентите по медицина од кои 60-ина се пријавија да волонтираат.
– Секоја помош во моментот ни е добредојдена, со оглед дека имаме повеќе од 450 ковид пациенти кои лежат во Клиничкиот центар од кои 50 на респиратори и 200 на кои им е неопходна терапија со кислород, рече директорот на бањалучкиот Клинички центар, Владо Џаиќ.
Од почеток на пандемијата, во БиХ се инфицирани повеќе од 68.000 лица од кои 1.750 починаа.