Од огромна важност е граѓаните да ги почитуваат мерките за да ни помогнат здравствениот систем да остане одржлив, во битка со ковид пандемијата, апелираше министерот за здравство, доц.д-р Венко Филипче во синоќешното интервју на телевизија Сител. Министерот рече доколку заразата се шири со оваа динамика многу брзо ќе недостасуваат кревети и медицински кадар во болниците. Филипче нагласи дека актуелните мерки, постепено ќе даваат резултат, но непредвидливоста на вирусот, може да доведе до повторно зголемување на бројот на заразени, а тоа ќе значи огромен притисок врз болниците.
„Сите сме во оваа битка, многу е важно граѓаните да ни помогнат со почитување на мерките. Нема да може да издржиме уште многу, ако оди со оваа динамика. Ќе се преполнат болниците и тогаш веќе ќе имаме ситуација во која што може да недостасуваат и кревети и кадар. Искрено се надевам дека мерките постепено ќе даваат и ќе дадат резултат, за разлика од пред неколку недели, R0 факторот на преносливост сериозно се намали од 1,5 на близу 1 и тоа влева доза на оптимизам, но тоа не значи дека притисокот кон болниците ќе се намали. Непредвидлив е вирусот и болеста како клиничка форма не знаеме, што може да се случи и со ваков линеарен раст огромен ќе биде притисокот и проблемот во болниците, што всушност и сега веќе е и се случува. Апелирам да се почитуваат овие мерки“ – рече министерот Филипче.





