пишува: САШО ОРДАНОСКИ / ЦИВИЛ МЕДИА
Како и да го завртиш, од кој кат и да го фрлиш, со која кофа на помија и да го потуриш, со каква квалификација и да го навредиш – Заев ќе се дочека на нозе и ќе продолжи да пропагира гушкање и со оние кои најмногу го мразат.
Не знам кој ќе ме разбере, но ме потсетува на бесмртната Тојота Хилукс од ултимативните тестови за издржливост на Џереми Кларксон во „Топ гиар“: ја удираа во дрва, ја потопија во море, ја запалија, ја ставија на покривот од зграда што ја дигнаа во воздух… И само малку клемите да ѝ ги притегнеш, па пали-вози!
Да помислиш дека човекот не поседува суета. И дека е резултат на некаков глобален експеримент за литиумски супер-батерии од последна технолошка генерација со кои се напојува политичкиот опстанок, од брендот оптимизам.
Занимлива е таа победничка стратегија, демонстрирана и во вчерашното интервју за ТВ21 (кај Борјан Боко Јовановски): кога кој било балкански политичар, со вакво негативно сценарио од провокации и навреди што доаѓаат од Софија, би посегнал по најбезбедната, безброј пати проверена, а евтина муниција за зголемување на политичката популарност – засилувањето на популистичкиот речник со, барем, умерена доза на национализам, „патриотизам“ и горделивост; Заев ја бира спротивната опција, молејќи ја јавноста за воздржаност, за рационалност, за надеж и за поглед нанапред, без разлика на крајно лошите прогнози за наоѓање разумно решение со политичките антиталенти од Софија.
Таа позитивна енергетска лавина е толку заразна што, барем додека го слушате, европската перспектива сè уште не изгледа невозможна, бидејќи Тој ви ветува дека нема да се откаже од вашето подобро утре! Да ви е мерак и кога ви раскажува политички фантазии, бидејќи не сте навикнале на политичари кои не ве плашат, кои не ги чувствувате како закана… На пример, кога во некое вечерно интервју го слушате неговиот главен политички опонент, без хелекс нема заспивање! Заев, напротив, е како две-милигранско дијазепамче, го конзумирате за да ве опушти, да ви ја намали дневната тензија.
Имам пријатели и познаници кои не го сакаат и не го гласаат, ама и тие не дофрлаат повеќе од обичен цинизам кога сакаат да го навредат. Некако, не им се „лепи“ за сочно да го мразат.
Оние, пак, кои сочно го мразат, ќе си седат во „магарешките клупи“ на опозицијата додека тој самиот не реши да си замине од политиката, дури и без да им се замеша на теренот на националните фрустрации кои тие политички суверено го контролираат. Е, тоа не можат да му го простат, а ни да си го објаснат: како тоа обичната човечка надеж да им ја победува моќната национална патетика?!
Надежта последна умира, а човеков има девет (политички) животи и уште ни половината не ги потрошил.
Тојота Хилукс, пали-вози. Со струмички, македонски таблички.
Сите права се задржани. Текстот е личен став на авторот.