Меѓународниот ден за елиминација на насилство врз жените, низ портокаловата боја на кампањата „16 дена активизам“, нѐ потсетува дали и колку сме придонеле во борбата против насилството врз жените, истакнува премиерот Заев по повод одбележувањето на Меѓународниот ден за елиминација на насилство врз жените „16 дена активизам“.
Тој додава дека низ таа борба создаваме општество кое ги заштитува жените и на жртвите им дава сила да се извлечат од средините во кои им се закануваат да молчат и да продолжат со животот без насилство.
„За политиките на оваа Влада насочени кон превенција и заштита на жртвите од насилство покажуваат делата: отворените шелтери за згрижување, ратификацијата на Истанбулската конвенција, како и најновиот Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, како едно од најсилните оружја во борбата против сите форми на насилство.“, нагласува Заев.
Премиерот потенцира дека сите ние, а особено мажите, имаме и општествена одговорност да создаваме атмосфера во која насилството врз жените е неприфатливо и срамно!
„Една од моите лични заложби е мирното решавање на сите конфликти низ разговор, низ дијалог, на достоинствен начин и со почит кон другите во политиката и во мојот приватен живот.
Во период кога поради кризата со пандемијата од КОВИД-19 сите повеќе седиме дома, регистрирано е зголемување на насилството врз жените. Затоа, многу е важно жените да не молчат, да кажат НЕ на насилството и веднаш да пријават: www.mtsp.gov.mk/prijavi-semejno-nasilstvo.nspx.
Да го дадеме сите својот придонес во подигнувањето на свеста и да помогнеме во борбата против сите видови насилство!“, објави на Фејсбук премиерот Заев.
Ј. Ѓ.