Во Фоајето на Националната опера и балет вечерва публиката ќе има можност да го проследи концертот „Везилка“ на познатиот македонски оперски пејач Благој Нацоски, кој веќе долго време живее и работи во Италија. Нацоски е врвен уметник чии оперски изведби бележат огромни успеси во сите оперски куќи во Италија па и пошироко, но во текот на овој месец токму македонските слушатели ќе имаат можност во живо да ги проследат настапите на нашиот најпознат тенор, и да уживаат во неговите неповторливи изведби.
Нацоски студиите ги завршил во Италија, а веднаш потоа токму оваа држава ја избрал како место за живеење, но и за професионално надградување. Во интервју за МИА Нацоски вели дека Италија „мириса“ на опера.
За да се изведува успешно операта, особено онаа од италијанските композитори, тој појаснува дека е есенцијално да се познава во сржта италијанскиот јазик, да се дише воздухот што го дишеле тие, да се јаде храната што расте на тоа поднебје, да се видат пејзажите што им биле инспирација при творењето.
Во неговите музички изведби слушателите можат да уживаат и на социјалните мрежи, каде тој често објавува видеа како пее македонски песни. Во овие видеа подеднакво уживаат и Италијанците но и луѓе од други земји, кои, како што појасни Нацоски, ги обожуваат македонските песни.
-Само добивам коментари од Италијанци, но и од други земји, околу убавината на македонските песни. „Леле, што е тоа што пееш“, „Ау, кажи ми за што се пее во таа прекрасна песна“… Впрочем, ако имаме нешто што може да се гордееме во Македонија тоа е токму нашиот мелос, вели пејачот.
-Најтрагично е што се‘ уште ние уметниците живееме во неизвесност, од страна на властите во сите земји, со ретки исклучоци, се има најмалку внимание за нас. Политичарите не не ни споменуваат како категорија, како уметноста да не е работа за тој што се занимава со истата, појаснува Нацоски за МИА.
Но дури и во моментите на најголемиот карантин, тој вели дека неговата ведрина и оптимизам не го напуштија.
-Можеби малку тага ми дојде во моментот кога беа повлечени рестрикциите и кога повеќето од луѓето се враќаа на своите работни места, што значи на своите навики, а за нас изведувачките уметници не важеше тоа бидејќи не можеше да се настапува, додава оперскиот пејач.
Концертот што Нацоски вечерва ќе го одржи е во рамки на „Денови на македонска музика 2020“, а во текот на месецов планирани се и други негови настапи и изведби во просториите на Националната Опера и Балет.





