Според официјалните резултати објавени од Државната изборна комисија, по 100% обработени гласачки места, кандидатот на СДСМ, д-р Сашко Николов е победник и нов градоначалник на Штип со освоени 80,31 насто од гласовите.
Николов освои вкупно 11.668 гласови.
На овие вонредни локални избори во Штип гласале 14.528 граѓани со право на глас од вкупно 41.777 регистрирани гласачи. Излезноста изнесува 34,78%. Николов е избран уште во првиот круг, постигнат е потребниот цензус бидејќи Николов освои над 50 отсто од гласовите.
„ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски повторно се поразени, граѓаните на Штип на предвремените фер, слободни, демократски и пред се здравствено безбедни избори за градоначалник, му ја дадоа довербата на кандидатот на СДСМ Сашко Николов, се изјаснија за напредок и развој, за грижа и поддршка за сите, велат од СДСМ.
Втор според освоени гласови е кандидатот на Интегра, Симон Поликарп, кој освои 1.198 или 8,25% од гласовите.
Лазар Наумов од ТМРО освои 284 гласови, а еден глас помалку освои независниот кандидат Трајче Митев. Најмалку, или 271 глас освои кандидатот на коалицијата „Иднината е во наши раце“ Гоце Анѓелов.
Опозициската ВМРО ДПМНЕ немаше кандидат на овие вонредни локални избори и бараше истите да бидат одложени, повикувајќи се на состојбата со ковид 19.
Во Општина Пласница пак, вчера во избирачкиот список беа запишани 4.954 граѓани на девет избирачки места, а цензусот за успешни избори беше исполнет вчера во 15 часот, кога ОИК Пласница објави дека на гласање излегле над една третина од вкупниот број на избирачи. Според податоците на Државната изборна комисија, Јаоски добил 1. 696 гласови, а неговиот противкандидат Рамазан Шерифовски 231.
И.Т.З.