Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Бујар Османи, денеска ја повика ЕУ да спречи „уцени“ против нашата земја, која се соочува со нови пречки на патот кон ЕУ.
„Нашите напори за одржување на добри односи со соседите не се наградени“, рече Османи на прес-конференција во Прага, каде што е во посета, додавајќи дека спорот со Бугарија ќе има негативно влијание врз целиот балкански регион.
По разговорите со Османи, чешкиот министер за надворешни работи Томаш Петржичек изрази надеж дека може да се најде компромис до крајот на годината.
„Во ЕУ има многу интензивни разговори за тоа како да се постигне чекор напред /…/ ние би сакале да постигнеме компромис до крајот на годината“, рече Петржичек.
ЕУ мора да го задржи својот статус на сигурен партнер за земјите што спроведуваат реформи и ги исполнуваат своите обврски, додаде тој.
Поздравувајќи ја поддршката од „26 земји“ од 27-те земји-членки на ЕУ, Османи рече дека „поддршката на европските земји е најдобриот начин да се врати ентузијазмот и довербата во процесот“.
Според него, „поддршката и забрзувањето на процесот на интеграција е најдобриот начин за подобрување на односите меѓу соседите“.