Стартуваа новите рестрикции за заштита од ширење на ковид 19. Фронтлајн пршета низ скопскиот плоштад и забележа дека угостителските објекти кои се стационирани во ова подрачје, затворија во 18 часот. Граѓаните шетаа и ги разгледуваа украсите кои го осветлуваат и разубавуваат плоштадот.
Владата ги донесе мерките по препорака на Комисијата за заразни болести за спречување на ширењето на коронавирусот.
Со мерките кои ќе бидат во сила до 20 јануари, работното време на угостителските објекти се скратува до 18 часот, а се забранува и организирање и одржување прослави на претстојните новогодишни и верски празници.
Исто така, забрането е и хотелите да организираат предновогодишни и новогодишни прослави и верски празници.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вчера посочи дека МВР превентивно реагира уште сега до сопстевниците на викендици кои планираат да ги издаваат за претстојните празници.
„Полицијата ќе постапува врз основа на сите дозволени норми и правила коишто се врз основа на Законот. Зошто би била забраната за рестораните и хотелите ако тоа може да го прават некои во викендиците? Ние како МВР сериозно работиме, имаме оперативна акција во делот на издавањето на викендиците, во делот на вакви кривични дела веќе постапуваат колегите, рече Спасовски.“, истакна вчера Спасовски.
Денеска министерот за здравство Венко Филипче изјави дека неделните пресеци укажуваат на тоа дека Р0 факторот на трансмисија на вирусот се намалува, но нагласи дека многу се внимава, затоа што се можни изненадувања.
„Доколку продолжи вака како што е изминативе неколку недели – да, ќе биде тренд, но внимателни сме затоа што се можни изненадувања, затоа што очигледно овој вирус не го прати моделот на вируси од истата група на вируси во кои се јавува. Имавме еден тренд на стабилизација прво, па сега и намалување и внимателни сме, пратиме како ќе биде овој период пред нас, рече Филипче во обраќањето на Tематскиот форум „Справување со кризата со (не)доволни ресурси“, организиран од Македонскиот центар за меѓународна соработка и Цивика мобилитас.
Во текот на изминатото деноноќие беа регистрирани 883 новозаразени, 536 оздравени пациенти и 29 починати како последица од ковид 19. Најмладиот пациент почина на 33, највозрасниот на 84 години.
Вкупната бројка на ковид дијагностицирани изнесува 77.134, на оздравени пациенти е 52.949, а на починати е 2.254.
Бројот на активни ковид случаи изнесува 21.931.
И.Т.Зафировска
видео и фотографија: Б. Јордановска





