Додека во тек е мерката кафеаните да работат до 18 часот, скопските трговски центри, односно моловите, се преполни со посетители. Според А1 он, посетителите на „Сити мол“ вчера попладне изјавиле дека трговскиот почнал да се полни откако затвориле рестораните и кафулињата. На видеата споделени на социјалните мрежи се гледа дека едвај се води грижа да се држи растојание, една од клучните анти-ковид мерки. На интернет се споделува и видео на кое може да се забележи дека музичка група во живо ги забавувала посетителите во Сити мол.
Инспекторите на Државниот пазарен инспекторат вчера вечер при контрола по дојава, не го затекнале бендот во живо кој во холот на трговскиот ги забавувал посетителите на „Сити мол“, но директорот на Инспекторатот, Стојко Пауновски во изјава за А1он најави најстрога казна доколку им се повтори настап во живо.
„Ќе го затвориме целиот трговски центар доколку им се повтори бенд во живо да настапува. Вечерва инспекторите веднаш по дојавата отидоа на лице место, но забавата со бендот била завршена. Разговарано е со директорката која објаснувала дека уметниците седеле и дека имало контрабас, а не знаеле дека и такви настапи се забранети. Бидејќи не затекнале прекршување, инспекторите на директорката и објасниле дека секаков вид јавни настапи на уметници се забранети и укажале дека доколку им се повтори јавен настап, ќе го затвориме трговскиот“, изјавил директорот Пауновски за „А1он“.
Покрај овие снимки, порталот Тетова1 објави фотографија за која пишува дека е од вчера, од скопскиот аеродром, а на истата може да се забележи гужва пред вратите од каде пристигнуваат патниците. Според медиумите, роднините и пријателите чекаат да пристигнат најблиските од дијаспората.

Покрај моловите, вчера попладне и навечер, преполни биле и градскиот плоштад и шеталиштето на Улица Македонија.





